Sarp Özer
17 Август 2020•Ажурирај: 18 Август 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, изјави дека Турција продолжува со поддршката на легитимната Влада на Либија, која ја признаваат и Обединетите нации (ОН), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе продолжиме да дејствуваме на овој начин и се надеваме дека ќе ја исполниме задачата што ни е доверена“, рече Акар за време на посетата на Либија, во чии рамки ја посети и Командата за безбедносна соработка и помош за обука која беше формирана во рамките на договорот меѓу двете земји.
Откако во придружба на началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Турција, Јашар Ѓулер, ги набљудуваше активностите за обука во Командата, Акар присуствуваше на деловен ручек на кој присуствуваа и министерот за одбрана на Катар, Калид бин Мухамад ал Атијах и заменик министерот за одбрана, Селахадин Абдула ал Немруш.
Акар во обраќањето пред персоналот за обука упати честитки по повод успешната обука и соработката која се спроведува во Командата, додавајќи дека овие активности ќе бидат продолжени и во иднина.
„Во наредниот период, како што тоа го правевме и досега, во согласност со упатствата на нашиот претседател, ќе сториме сè примирјето да стане трајно заради единството, интегритетот, безбедноста и мирот во Либија. Во тој поглед со нас се и браќата од Катар. Министерот од Катар во тој поглед вложи огромни напори, а и понатаму продолжува да го прави тоа. Веруваме дека ќе ги постигнеме саканите резултати поддржувајќи ги нашите браќа од Либија во нивната праведна борба“, изјави Акар.
Тој на турскиот персонал кој ја спроведува обуката порача дека и понатаму пожртвувано и посветено ќе продолжат да ја извршуваат својата работа.
„Турција ќе продолжи да пружа поддршка на либиските браќа имајќи го предвид нашето минато од 500 години и нашата заедничка култура. Се надевам дека на крајот ќе бидеме успешни. Има многу заблуди, злоба и разни подметнувања. Сепак, нема да потклекнеме пред овие предизвици. Со пораката дека Либија им припаѓа на Либијците ја продолжуваме поддршката на легитимната Влада која ја признаваат ОН“, изјави Акар.
Акар и началникот на турскиот Генералштаб, Ѓулер, допатуваа денес во Триполи заради проверка на активностите во рамките на договорот со Либија. Турција со Владата на национално единство на Либија, која има меѓународен легитимитет, во ноември минатата година потпиша Меморандум за воена и безбедносна соработка.