Furkan Naci Top
05 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2017
АТИНА (АА) – Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, нагласи дека го осудуваат нападот со хемиско оружје, кој е причина за смртта на голем број цивили во Сирија, и дека најголемата одговорност за нападот ја носи сирискиот режим, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на својата посета на Атина, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, се сретна со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Ципрас и Туск одржаа заедничка прес-конференција.
Туск изјави дека со секој изминат ден, преговорите за пакетот за спас, меѓу Грција и меѓународните кредитори, се сѐ поблиску до договор. „На вчерашната средба во Грција беше направен значителен чекор. Преговорите продолжуваат и денес. Се надеваме дека на состанокот на Еврогрупата в петок ќе се постигне договор“, додаде тој.
Претседателот на Европскиот совет истакна дека во Грција се забележува значаен напредок во делот на невработеноста и избегнувањето данок, и притоа додаде оти со реформите за штедење немаат намера да го казнат народот, и дека грчкиот народ и институциите поминаа многу тешкотии и многу се жртвуваа.
Туск потврди дека најтешкиот дел од бегалската криза остана во минатото и додаде: „Европската Унија е сосема сигурна во врска со можноста за враќање на Сиријците назад во Турција. Турција се докажа во врска со заштитата на сириските бегалци и Европа прави големи напори тие и понатаму да бидат згрижени во Турција“.
- „Трагично потсетување на бруталноста на сирискиот режим“ -
Туск истакна дека најостро го осудуваат нападот со хемиско оружје во градот Идлиб, кој е причина за смртта на голем број цивили. „Убивањето луѓе со хемиско оружје, без да се прави разлика за тоа дали се работи за деца, жени, мажи, претставува трагично потсетување за бруталноста на сирискиот режим и на овој конфликт. Не е првпат да се случи ваков напад во Сирија. Сторителите на овој напад мораат да сносат одговорност. Најодговорен за оваа бруталност е сирискиот режим. Меѓутоа, и поддржувачите на режимот имаат морална и политичка одговорност“, додаде тој.
- „Не играме детска игра“ -
Во врска со преговорите меѓу Грција и кредиторите, грчкиот премиер Ципрас изјави: „Кога и да се приближиме кон договор со овластените, некој изнесува на маса дополнителни барања, кои ги кршат договорите. Ние секогаш во преговорите учествуваме со добра намера. Но, постојано се случуваат технички препреки. Не играме детска игра. Доколку на состанокот в петок не излезе „бел чад“, од претседателот Туск побарав да ја преземе иницијативата во свои раце и да се свика состанок на лидерите на самитот на ЕУ“.
Ципрас нагласи дека нема намера да биде публика на игрите што се играат против грчкиот народ и Европа, и забележа оти се надеваат на изнаоѓање договор и одлуки за олеснување на долгот на државата до крајот на април.