Burç Eruygur
03 Декември 2024•Ажурирај: 04 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Украина денес соопшти дека нема да прифати никакви алтернативи за полноправното членство на Киев во НАТО, укажувајќи на „неуспехот“ на Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, кој ќе ја одбележи 30-годишнината од неговото потпишување кон крајот на оваа недела, јавува Анадолу.
„Со горчливото искуство од Меморандумот од Будимпешта зад нас, нема да прифатиме никакви алтернативи, сурогати или замени за полноправното членство на Украина во НАТО“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.
Се наведува дека Киев е убеден дека единствената вистинска безбедносна гаранција за Украина е членството во НАТО, додавајќи дека поканата на земјата да се приклучи на Алијансата ќе ја оттргне Москва од нејзините „илузии за можноста за нарушување на евроатлантската интеграција на Украина“.
Во соопштението се вели дека неуспехот да ѝ се обезбедат на Украина ефективни безбедносни гаранции во 1990-тите е „стратешка грешка“ што Русија ја „искористи“ и дека Меморандумот од Будимпешта не успеал да ја спречи руско-украинската војна.
„Неуспехот на Меморандумот од Будимпешта да ги исполни своите функции доведе до катастрофално зголемување на безбедносните закани не само за Украина, туку и за другите земји и региони, вклучувајќи ја Европа, евроатлантската област, Централна и Југоисточна Азија, Блискиот Исток, и меѓународниот мир и безбедност воопшто“, се додава во соопштението.
Министерството, исто така, го дефинираше Меморандумот од Будимпешта како „споменик на кратковидоста во донесувањето стратегиски безбедносни одлуки“.
„Тоа треба да послужи како потсетник за актуелните лидери на евроатлантската заедница дека изградбата на европската безбедносна архитектура на сметка на интересите на Украина, наместо да се земат предвид, е предодредена да пропадне“, се вели во соопштението.
Министерството ги повика Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија, потписнички на Меморандумот од Будимпешта, како и Франција и Кина, кои пристапија кон него, како и сите земји потписнички на Договорот за неширење на нуклеарното оружје (НПТ), за поддршка на обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина.
„Триесетгодишнината од потпишувањето на Меморандумот од Будимпешта е добра можност да се направи ефикасен чекор кон пристапувањето на Украина кон Договорот од Вашингтон“, се додава.
Меморандумот од Будимпешта беше потпишан од Украина, Русија, Велика Британија и САД на 3 декември 1994 година, за да ѝ се обезбедат безбедносни гаранции на Украина, како и на Белорусија и Казахстан, поврзани со нивното пристапување кон НПТ.