ОДЕСА (АА) - ДАВИТ КАЧКАЧИШВИЛИ -
Советникот на воениот гувернер на регионот Одеса, Јуриј Димчогло, соопшти дека 6 милиони тони жито се чуваат во 3 пристаништа во Одеса, додека малку помали количини жито има и во Миколаев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Димчогло во разговорот со Агенција Анадолија (АА) се осврна на последните случувања и безбедносните мерки во регионот на Одеса.
Потенцирајќи дека најголемите поморски пристаништа во Украина се наоѓаат во подрачјето нс Одеса, Димчогло рече дека пристаништата се затворени поради тековната војна и мините во морето.
Тој посочи дека милиони тони жито чекаат за извоз во пристаништата во Одеса, кое има клучно значење во Црното Море: „Само 6 милиони тони жито се чуваат во 3 пристаништа во Одеса. Малку помалку од тие количини жито има и во Миколаев.“
Наведувајќи дека залихите на жито во складиштата на Железница и хангарите на фармерите во регионот се исто така доста големи, Димчогло се заблагодари на Туркије (Турција) за нејзините интензивни напори за решавање на глобалниот проблем со извозот на жито.
Нагласи дека тие, иако во мали количини, засега своите резерви на пченица ги извезуваат во Романија од пристаништето Исмаил на реката Дунав: „Но, таму можат да влезат само бродови од 3.000 и 5.000 тони.“

Димчогло нагласи дека не се доволни решенијата за извоз на житото во Романија преку Дунав и во Полска со воз.
„Извозот на жито се врши петпати побавно отколку во предвоениот период. На пример, регионот Одеса месечно извезуваше 2 милиони тони. Сега извезува помеѓу 200.000 до 300.000 тони.“
Посочувајќи дека не само Украина, туку и различни земји во светот, особено Туркије, бараат решение за извоз на милиони тони пченица од украинските магацини, Димчогло рече: „Важноста на Туркије во овој процес се зголеми уште повеќе.“
Се наведува дека поради почетокот на руско-украинската војна на 24 февруари, во украинските пристаништа и силоси чекаат повеќе од 20 милиони тони жито.
Истакнувајќи дека Владата продолжува да презема ефикасни чекори за жителите кои останале во Одеса да продолжат со својот нормален живот и покрај војната, Димчогло рече дека повеќето од цивилите кои избегаа на почетокот на војната се вратија во своите домови.
- „Русите постојано истрелуваа ракети со долг дострел кон регионот“ -
Наведувајќи дека прават сè што можат за да го заштитат регионот, советникот на воениот гувернер на Одеса, рече дека и покрај тоа што не се на линијата на фронтот, целиот регион е цел на руски воздушни напади.

Димчогло, кој е Турчин од Гагаузија, потсети дека Русија на 1 јули со проектили го погодила подрачјето на Сергеевка, во регионот на Одеса.
Наведувајќи дека бројот на лицата кои ги загубиле животите во одморалиште во Сергеевка, погодено со два проектила од руските сили, се искачи на 22, Димчогло рече дека Русите секогаш гаѓале со проектили со долг дострел кон регионот.
Тој истакна дека речиси секој ден се изведуваат воздушни напади кон регионот и еднаш или неколку пати неделно кон градот Одеса, и дека има загуба на животи како резултат на нападите.
Посочувајќи дека украинските системи за противвоздушна одбрана распоредени во регионот од неодамна почнале да работат поефикасно против ракетите, Димчогло додаде: „Нашите системи за противвоздушна одбрана работат многу добро. 60 до 70 отсто од ракетите се погодени во воздух. Покрај тоа што бројот на нашите системи за воздушна одбрана се зголеми, ние сфативме и какви методи користат Русите.“
Регионот на Одеса, контролиран од украинската Армија на брегот на Црното Море, и централниот град на регионот, Одеса, се издвојуваат како една од целните точки на ракетите лансирани од воените бродови или авионите на руските вооружени сили.
Од почетокот на војната на 24 февруари, руски ракети неколкупати ја погодија Одеса, која е оддалечена околу 200 километри од фронтот Херсон, каде се случуваат жестоки судири.
news_share_descriptionsubscription_contact


