Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
08 Април 2022•Ажурирај: 11 Април 2022
АНКАРА (АА) - Украина денеска ја обвини Москва дека се обидува да регрутира платеници, милитанти и терористи за да ја води руската војна против нејзиниот западен сосед, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тие бараат платеници од целиот свет. Ги испраќаат милитантите од сите терористички групи и приватни армии што ги основаа некои руски претставници“, рече украинскиот претседател Владимир Зеленски во своето видеообраќање пред финскиот Парламент.
Зеленски ја поздрави Финска за воведувањето санкции кон Русија, нагласувајќи дека војната на Русија против Украина е одлучувачка, не само за иднината на Украина и нејзиниот народ, туку и за сите кои се граничат со Русија.
Русија и Финска делат 1.340 километри граница, а во раните денови на Втората светска војна руските трупи ја нападнаа Финска.
Зеленски дополнително повика на прекин на сите економски врски со Русија, притискајќи за целосно европско ембарго на руската нафта.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Најмалку 1.611 цивили се убиени во Украина и 2.227 се повредени, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,3 милиони Украинци побегнале во други земји, а уште милиони се внатрешно раселени.