Ali Cura
08 Април 2022•Ажурирај: 09 Април 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека Руската армија не ја користи ракетата со која е гаѓана железничката станица „Краматорск“ во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за новинарите Песков се осврна и на ракетниот напад на железничката станица во Краматорск, Украина, во регионот на Доњецк.
Наведувајќи дека треба да се земе предвид соопштението на руското Министерство за одбрана дека Руските вооружени сили не ја користат ракетата „Точка-У“, Песков додаде: „Нашите вооружени сили не користат таков проектил, а денеска немаше борбена мисија во Краматорск, не беше планирана.“
На прашањето дали „операцијата ќе биде завршена во догледна иднина“, Песков рече: „Зборуваме за догледна иднина. Операцијата продолжува, целите се постигнуваат. Се врши важна работа и на ниво на Руските вооружени сили во однос на напредокот на операцијата и преку делегацијата која преговара со Украина.“
- За одлуката на НАТО да ја зголеми поддршката за Украина, Грузија и Босна и Херцеговина
Коментирајќи ја изјавата на НАТО дека ќе ја зголеми поддршката за Украина, Грузија и Босна и Херцеговина, Песков рече: „Уверени сме дека оваа Алијанса има агресивен карактер и го задржуваме овој став. Ова не е одбранбен блок. Проширувањето на активностите и влијанието на овој сојуз не носи дополнителна безбедност и стабилност.“
Појаснувајќи ги информациите што ги даде за загубите во Руската армија, кои ги опиша како трагедија во интервју за телевизискиот канал „Скај њуз“, Песков рече дека тоа го кажал врз основа на информациите дадени од руското Министерство за одбрана, дека се загинати 1.351 војник, а повеќе од 3.800 војници се повредени.