Ekipa
21 Мај 2021•Ажурирај: 22 Мај 2021
ДАКА (АА) - Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) денеска соопшти дека итно се потребни 164 милиони долари медицинска поддршка за Јужна Азија поради пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Средствата ќе се искористат за набавка на кислород и снабдување со материјали, медицинска опрема, опрема за лична заштита и материјал за спречување и контрола на инфекции „за да се спасат животи среде смртоносниот бран на Ковид-19 низ Јужна Азија“, се вели во соопштението на Агенцијата на ОН.
Осврнувајќи се на влошената состојба со пандемијата во регионот, во соопштението се додава дека над три нови заразувања со Ковид-19 се бележат секоја секунда, додека смртноста нагло се зголемува со повеќе од три лица кои умираат секоја минута.
Ситуацијата во Индија се опишува како најразорна, при што се вели: „Бангладеш, Пакистан, Авганистан и Бутан може да се соочат со слични разорни бранови.“
„Непал доживеа стапка на позитивни случаи висока дури 47 отсто; Шри Ланка и Малдивите дневно бележат нови раст на случаите со Ковид-19 и смртни случаи; а болниците во главниот град на Малдивите достигнуваат полн капацитет.“
За време на првиот бран на пандемијата, околу 228.000 деца и 11.000 мајки низ Јужна Азија починаа „поради сериозни нарушувања во основните здравствени услуги“, се вели во соопштението, и се додава дека сегашната состојба е повеќе од жална.
„Сега гледаме наплив што е четирипати поголем од првиот. Треба да сториме сè што е во наша моќ да го спречиме и третираме Ковид-19, истовремено задржувајќи ги критичните здравствени услуги од кои толку силно зависат децата и мајките“, рече Џорџ Ларија-Аджеи, директорот на УНИЦЕФ за Јужна Азија.
Тој исто така предупреди на можен колапс во кревкиот здравствен систем во регионот со речиси 2 милијарди луѓе. „Болниците се преполни, има акутен недостиг на кислород и други критични медицински материјали.“
УНИЦЕФ во повеќе кампањи потенцира за потребата од вакцинирање во Јужна Азија. „Во речиси сите земји во регионот, со исклучок на Малдивите и Бутан, помалку од едно на 10 лица се вакцинирани против Ковид-19.
Во соопштението, исто така, се препорачува да се дојде до семејствата со повеќе информации; да се зголеми пристапот до безбедна вода и канализација; да се обезбеди парична помош за најранливите семејства; поддршка на напорите децата да учат, вклучително и преку ангажирање на јавниот и приватниот сектор и да се обезбеди поддршка за менталното здравје и заштита на децата и младите директно погодени од пандемијата.