БЕРЛИН (АА) - Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung) во специјална вест за терористичката организација ФЕТО откри како во ученичките и студентските домови на оваа организација во Германија „се перат мозоците“ на децата, користејќи ја лагата дека едуцираат деца, пишува Anadolu Agency (AA).
Во веста се истакнува колку е тешко да се спасат од оваа организација децата кои во образовните установи на оваа терористичка организација влегле со желба да се образуваат.
Во веста се сменети имињата на учениците што дале изјава поради безбедносни причини.
Според оваа вест, дел од учениците кои биле сместени во домовите на оваа организација сакале да ги напуштат овие куќи, откако го откриле вистинското лице на организацијата, но се соочиле со притисоци и попречувања од организацијата и од своите семејства.
Се наведува дека ФЕТО во Германија е познатo како „Движењето Ѓулен“ и дека од средината на 1990-тите постои мрежа во земјата која ја сочинуваат компании, училишта, здруженија, домови, детски градинки, издавачки куќи и медиуми.
Шефот на германската разузнавачка служба, Бруно Кал, „Движењето Ѓулен“ го опиша како „граѓанска организација формирана за верско и секуларно образование“. Сепак, се нагласува дека е неопходно да се има сомнение дали движењето е навистина толку безопасно.
Исто така се додава дека учениците чии родители се дел од организацијата, немаат шанса со своите напори да се спасат од оваа организација.
Осумнаесетгодишно момче кое во веста е именувано како Серкан, рече дека имал задолжителни „часови за верско образование“ од 18 до 23 часот во домот каде што престојувал.
„Не ги разбирав постарите дела на Ѓулен, но во домот тие не сакаа да одговараат на прашања или да дебатираат“, нагласи Серкан.
Во веста се вели дека Серкан ја сметал за чудна колективната емоционална реакција на учениците за време на слушањето на предавањата на Ѓулен, и дека за две години додека бил таму, правилата на домот станувале сè построги. Им било забрането на учениците да се допишуваат и да бидат посетени од нивните пријатели во овие домови.
Сите оние кои престојувале во домовите, во понеделник оделе во таканаречени кампови, натпревари за читање и верски предавања организирани во други домови. Меѓутоа, кога биле прашани што правеле во другите домови, од нив побарале да викаат дека учеле, играле и одморале.
Поранешната учителка, која во веста е именувана како Ајше, рече дека во овие домови одржувала верски предавања за девојчиња на возраст од седум до четиринаесет години, и дека била принудена да побара од децата да донесат што повеќе ученици во овие домови.
Според веста, 40-годишната Ајше истакнала дека универзитетските студентки во овие домови ги запознавале со мажи од Турција: „Потоа завршуваше нивниот универзитетски живот“.
Во веста се вели дека Ајше за осум години помогнала во развојот на „Движењето Ѓулен“ и се обидела да добие што повеќе членови и донации. Таа нагласува дека секоја недела ѝ била дадена листа на имиња на пет семејства што била принудена да ги донесе во организацијата.
На крајот таа не можела да ги издржи овие притисоци и во 2014 година го напуштила ова движење.
Според веста на „Зидојче цајтунг“, колкава е опасноста да се напушти оваа организација може да се разбере од тоа што го доживеале двајца ученици, чии имиња во веста се сменети.
„И двајцата се плашат од татковците кои се цврсти следбеници на Ѓулен. Студентите преку нивните татковци директно се вклучени во мрежата. Дениз се приклучил во овие кампови на седумгодишна возраст. Тој вели дека оние што тивко ги читале книгите на Ѓулен во камповите добивале пари, но тие не биле отворени за дискусија. Дениз нагласи дека во секојдневните програми, читањето на овие книги било задолжително, и дека на планот на програмата било напишано: Оној кој лаже, ќе оди во пеколот“, се вели во веста.
Младото момче именуван како Ајхан, истакнува дека неговиот татко 50 отсто од својата месечна плата ја донирал во оваа организација, додека учителите кои предавале во оваа организација, 40 отсто од нивната плата ја донирале во организацијата.
Во веста се наведува дека задолжителното донирање ја претставува економската основа на оваа мрежа:
„Структурите на Ѓулен во Турција беа застапени во одредени министерски, образовни, судски, безбедносни и воени кругови. Многу холдинзи, структури, текстилни компании и банки обезбедија приходи за училиштата, болниците и универзитетите на движењето Ѓулен“.
Се истакнува дека Ѓулен, поради обвинувањата на турската војска дека негови приврзаници биле инфилтрирани на клучни државни функции, отпатува за САД во 1999 година
Ајхан и Дениз ги загубија своите татковци кои се обидоа да останат верни на движењето.
Во семејството на Ајхан имало несогласувања, додека неговата мајката била на негова страна, татко му се спротивставил и дури користел насилство.
„Мајка ми беше толку храбра што без неа не ќе можев да успеам. Но моето семејство е уништено“, рече Ајхан.
Дениз со помош на мајка си пред четири години успева да ја напушти организацијата, но поради оваа причина неговиот татко се развел од неговата сопруга.
Тој истакнува дека неговиот татко сé уште игра голема улога во организацијата и се плаши од притисокот.
Дениз сака јавноста да биде свесна за овој случај. „Тој нѐ жртвуваше за оваа мрежа. Мрежа која себеси надвор се покажува како либерална и религиозна, внатре е мошне фанатична“, рече Дениз.