Gözde Bayar
18 Ноември 2022•Ажурирај: 19 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Федералното истражно биро (ФБИ) е загрижено поради неовластените „полициски станици“ што Кина ги отвора низ САД, изјави директорот на бирото, Кристофер Вреј, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на ФБИ за високите членови на Конгресот изјави дека Агенцијата ги следи извештаите за таквите центри низ целата земја.
„Свесни сме за постоењето на овие станици“, рече Вреј пред Комитетот за внатрешна безбедност и владини прашања на Сенатот.
„Постоењето на овие објекти го нарушува суверенитетот [на САД] и ги избегнува стандардните процеси на соработка во судството и спроведување на законот“, додаде тој.
„Срамотно е да се мисли дека кинеската полиција ќе се обиде да отвори станица во Њујорк, на пример, без соодветна координација“, рече Вреј.
Организацијата за човекови права со седиште во Европа „Safeguard Defenders“ објави извештај во кој се открива постоењето на 54 „странски полициски сервисни центри“ на кинеската полиција во многу земји, вклучувајќи ги САД, Холандија, Шпанија и Ирска.
„Кина ги користи полициските станици како средство за притисок врз некои од нејзините граѓани и нивните семејства да се вратат“, се вели во извештајот објавен во септември.
„Истрагите во прекуокеанскиот полициски центар наведен во Њујорк се во тек. САД претходно усвоија пристап на целата Влада за спротивставување на транснационалната репресија и полициските напори на Народна Република Кина на американско тло“, се вели во извештајот.
Кинеското Министерство за надворешни работи ги негира наводите, тврдејќи дека односните службеници само им помагаат на кинеските државјани со нивните документи.