Mohammad Sıo
05 Август 2024•Ажурирај: 06 Август 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Либанската група Хезболах објави дека гаѓала израелски воени локации во северниот дел на земјата рано утринава, јавува Анадолу.
Групата соопшти дека го нападнала новоформираниот штаб на 91. дивизија во елитната база во Северен Израел, при што има неколку жртви меѓу војниците и офицерите.
Либанската група во друго соопштение објави дека е извршен напад со беспилотно летало на локацијата Малкија.
Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека „експлозивно беспилотно летало лансирано од Либан паднало ноќе во областа Малкија на северот на Израел и дека нема повредени“.
Армијата додаде дека „пресретнувачот бил испукан кон сомнителна воздушна цел што преминала од Либан“.
„Инцидентот заврши. Сирените се огласија поради опасност од паѓање шрапнели од пресретнувачите“, се додава во соопштението.
Армијата, исто така, објави дека во текот на ноќта нападнала складиште за оружје и неколку инфраструктурни локации на Хезболах во областа Кфаркел во Јужен Либан и дека артилерија ги таргетирала областите Чебаа и Рачаја Ал Фухар во Јужен Либан.
Стравувањата од сеопфатна војна меѓу Израел и либанската група Хезболах се зголемија по неколкумесечната размена на прекуграничен оган.
Ескалацијата се случи во заднина на нападот на Израел врз Газа, во кој загинаа околу 39.600 луѓе од октомври минатата година.