Erkan Avci
27 Јули 2016•Ажурирај: 28 Јули 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешната прва дама, некогашна американска државна секретарка и сенаторка на Њујорк, Хилари Клинтон, официјално е именувана за прва жена кандидат на Демократската партија за претседателските избори кои во САД ќе се одржат на 8 ноември оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Филаделфија се одржува конвенција на Демократска партија на која веќе првиот ден Клинтон ја доби поддршката на 15 делегати од Јужна Дакота и така собра неопходни 2.383 делегатски гласови, по што официјално е прогласена за кандидат за претседател.
Клинтон стана првата жена кандидат за претседателските избори, а во четврток за првпат на јавноста ќе се ѝ обрати во улога на кандидат.
Сенаторот на Вермонт, Берни Сандерс беше ривал на Клинтонова во внатрешната трка за номинација за претседателски кандидат, а и тој вчера ја поддржа својата опонентка, по што група негови симпатизери протестираа барајќи да не се откажува од трката.
„Хилари Клинтон ќе биде фантастичен претседател. Особено сум среќен што можам да ја поддржам на тој пат“, порача Сандерс.
Клинтон неодамна соопшти дека сенаторот на Вирџинија, Тим Каин е нејзин кандидат за потпретседател на САД.
Претседателските избори во САД, 58. по ред, ќе се одржат на 8 ноември оваа година, а Клинтон на позицијата за 45. претседател на таа земја ќе се бори со противникот од републиканците, Доналд Трамп.