Zylfije Adem Jakupi
04 Септември 2020•Ажурирај: 04 Септември 2020
ПРИШТИНА
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде присутен во моментот на потпишување на договорот меѓу Косово и Србија денеска во Белата куќа, најавено е во соопштението издадено од Белата куќа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според најавата, Трамп ќе биде дел од состанокот во моментот на потпишување на претпладневниот договор (според времето во Вашингтон), а потоа ќе одржи трилатерален состанок со косовскиот премиер Авдулах Хоти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Состанокот ќе биде приватен меѓу Трамп, Хоти и Вучиќ.
Од Белата куќа не е прецизирано кој договор ќе биде потпишан, но по вчерашниот состанок двете страни најавија дека тоа е економски договор.
Премиерот на Косово, Хоти, синоќа изјави дека е постигнат голем напредок во унапредување на економската соработка и голем чекор кон склучување на конечен договор со Србија. Тој изјави дека на состанокот одржан во присуство на советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Роберт О ’Брајан, амбасадорот Ричард Гренел и тимот од различни американски институции, дијалогот бил фокусиран на економски теми.
Запрашан дали од Србија е побарано признание, премиерот Хоти изјави дека за сѐ што се разговара со Србија е со цел заемно признавање.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Вашингтон изјави дека разговорите меѓу Белград и Приштина сè уште траат, но дека не постои страв дека ќе се потпише каков било документ што подразбира какво било признавање на Косово.
Според неговите зборови, делегацијата на Белград немала однапред увид во документот од 16 точки, во кој, како што наведе, една од точките е меѓусебно признавање. Тој изјави дека тој документ не смее да се изнесува.
„Јас кажав дека ние тоа не можеме да го прифатиме, но луѓето од Кабинетот на Трамп беа фер и сослушаа што имаме да кажеме и мислам дека во понатамошните документи тие одредби повеќе ги нема“, наведе тој.