Halit Süleyman,Ayşe Aktaş
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
АЛЕПО (АА) - Во северниот дел од Сирија, од источниот дел на градот Алепо, илјадници цивили бегаат пред бомбардирањата од страна на режимот на Асад, и се упатуваат во населбите што се под контрола на опозицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Илјадници лица кои живеат во населбата Мујесер, во источниот дел од градот, поради воздушните и копнените напади во подрачјето бегаат кон градовите што се под контрола на опозицијата, кои ги гледаат како побезбедни места.
Претседателот на градскиот парламент на населбите што се под контрола на опозицијата, Зекерија Емино, за АА изјави дека воените авиони извеле интензивни бомбардирања во источните делови од градот Алепо контролирани на опозицијата.
„Додека воените авиони на Русија и режимот ја бомбардираа населбата Мујесер, иранските и ирачките шиити, заедно со милицијата на Хезболах во редовите на режимот, од копно ги гранатираа позициите на опозицијата“, вели Емино.
Емино рече дека продолжуваат нападите во подрачјето и додаде: „Илјадници лица ја напуштаат населбата и се упатуваат кон Шеар, Тарик ел-Баб, Сејф ел-Девле, Фирдевс и Стар Алепо, кои се под контрола на опозицијата.
Емино истакна дека треба колку што е можно побрзо да се прекинат нападите на режимот и на неговите партнери врз подрачјето што е под контрола на опозицијата, и дека во тој дел се случува вистинска хуманитарна криза.
„Потребно е да се испрати хуманитарна помош, лекови и медицински материјали во подрачјето. Децата се гладни, а на ранетите итно им се потребни лекови“, изјави Емино.
Единаесетгодишниот Ахмед Салим, еден од жителите на населбата Шеар, која силите на режимот на Асад ја држат под блокада, изјави дека може да пронајде многу малку нешта за јадење.
„Јадеме јадења од пченица, ориз и од леќа. Се разбира дека посакуваме да има сѐ, но тука не можеме да пронајдеме ништо“, вели момчето Салим.
Тринаесетгодишното момче Хасан Амар, кој живее во населбата Фирдевс, изјави дека секој ден јаде иста храна и дека посакува да се отстрани блокадата и да му се врати стариот живот.
- Хуманитарна криза на стотици илјади лица -
Повеќе од 650 цивили загинаа во 14-дневните напади на источниот дел од Алепо од страна на режимот на Башар Ал Асад и шиитските милиции, поддржани од страна на Иран.
Градот Алепо се наоѓа во северниот дел на Сирија, близу границата со Турција, и е втор град по големина по главниот град Дамаск. Центарот на градот е оддалечен 40 километри од границата со Турција. Западниот дел на градот го контролира режимот, додека истокот е под контрола на опозицијата.
Според податоците на провинциската Дирекција за здравство, силите на режимот под опсада држи околу 300.000 цивили, до кои 95 дена не може да се достават основните намирници. Во последните две недели, во источниот дел од градот се изведени воздушни напади на сите болници и медицински центри и тие се надвор од употреба. Во источниот дел на Алепо работат само три пекарници, додека училиштата се целосно затворени.