Evren Aydemir, Senada Ibraimova
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
БЕРЛИН (АА) - Канцеларката Ангела Меркел изјави дека Турција и ЕУ се доверливи партнери во спроведувањето на договорот за бегалската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел се сретна со премиерот на Малта, Џозеф Мускат, во Берлин, по што одржаа прес-конференција.
На новинарско прашање во врска со тоа дали Европа е подготвена ако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како што изјави, ги отвори вратите за бегалците, Меркел рече: „Верувам дека ЕУ треба да ја сноси одговорност како што стои во договорот. Тргнуваме од тоа дека и Турција исто така ќе го почитува договорот“.
Таа нагласи дека овој договор е од корист за двете страни и додаде: „Ова не е само за нас добро, туку според мене, е добро и за Турција исто така. Мафијашките структури што работат како превезувачи на бегалци на крајбрежјата никогаш не носат добро. Исто така, не е добро човечките животи да се ставаат во опасност. Сакам да потсетам дека пред овој договор cо Турција, во јануари и февруари, во Егејското Море животот го загубија повеќе од 400 луѓе. Поради ова, верувам дека и Турција и ЕУ се доверливи партнери. Има многу работа што ќе ја работиме заедно во врска со оваа тема“.
Мускат, кој одговори на истото прашање пред новинарите рече: „Мислам дека никој не ќе има корист од скршнувањето од овој договор. Што и да се каже во официјалните изјави во врска со оваа тема не е важно, и тие не треба да се користат како причина за прекин на договорот. Во иднина треба почесто да се среќаваме. Во регионот на Средоземното Море ситуацијата станува покомплицирана. Постојано кажувавме. Колку и да не е совршен тој, со Турција имаме договор“.
Мускат пренесе дека ваков договор освен со Либија, треба да се направи со сите држави околу Средоземното Море и додаде оти бараат постојани контакти.
Тој исто така додаде дека во претстојното претседателствување со ЕУ ќе бидат прагматични и оти кон Британија, која сака да се оддели од ЕУ, треба да се однесуваат праведно.