Ahmet Gürhan Kartal
18 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) ‒ Редок црвен метеоаларм е издаден во Велс и јужна Англија, поради бурата Јунис, која со силни ветрови денес ја зафати Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Предупредувањето од Метеоролошката служба, издадено за делови од Велс, вклучувајќи го и Кардиф, сега е проширено на повеќе делови во јужна Англија, вклучувајќи го и Лондон.
Жителите се предупредуваат да не излегуваат надвор бидејќи ветровите ќе достигнат брзина од 144 км на час.
„Невремето може да предизвика значително нарушување и опасни услови поради екстремно силните ветрови“, соопшти Метеоролошката служба.
Областите за кое е издадено предупредување се Голем Лондон, Кент, Сари, Есекс и Источен Сасекс, како и крајбрежјето на Девон, Корнвол и Сомерсет и јужниот брег на Велс.
Во земјата има речиси 150 предупредувања за поплави.
Бурата Јунис веќе предизвика прекини во железничкиот транспорт. Некои оператори ги замолија жителите да ги одложат патувањата за утре, а некои аеродроми ги повикаа патниците пред патување да го проверат статусот на својот лет.
Стотици домови останаа без струја поради оштетувањата од силните ветрови во подрачјето на Корнвол.
Многу училишта низ Велс се исто така затворени, а од учениците е побарано да не излегуваат надвор.
Некои од главните атракции, меѓу кои „Лондонското око“, „Леголенд“ и замокот „Ворвик“, Кралските ботанички градини во Кју, западен Лондон и Вејкхарст, Западен Сасекс, ќе бидат затворени.