Merve Aydoğan
28 Декември 2017•Ажурирај: 29 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција и Јапонија се стремат кон воспоставување на посилни врски околу прашањето за Сирија и во однос на хуманитарната помош, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние изразивме заедничка волја за воспоставување на поблиски односи со Јапонија, не само во врска со прашањето за Сирија туку исто така и за хуманитарните цели“, изјави Чавушоглу за време на посетата на јапонскиот министер за надворешни работи, Таро Коно во Анкара.
„Сакаме да ги зајакнеме нашите односи на ниво на нашето пријателство во сите области, особено на полето на економијата и политиката“, додаде Чавушоглу.
Планираната изградба на нуклеарна централа во подрачјето на Синоп на црноморскиот брег, кој вклучува француско-јапонски конзорциум, е турски клучен проект во кој е вклучена и Јапонија.
Чавушоглу изјави дека во текот на наредната година Турција ќе направи важни чекори заедно со Јапонија.
„Во престојниот период ќе остварам и посета на Јапонија, заедно со нашиот министер за економија и министерот за енергетика“, истакна тој.
Зборувајќи на заедничката прес-конференција, јапонскиот министер за надворешни работи, Таро Коно, го пофали регионалното раководство на Турција, особено во однос на сириската бегалска криза.
Тој најави состанок на Советот за безбедност на Јапонија и на Турција следната година, на кој ќе бидат разгледани политиките за борбата против тероризмот.
Претходно, јапонскиот министер за надворешни работи оствари средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.