Ömer Tuğrul Çam
11 Февруари 2022•Ажурирај: 12 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Белгиската Влада планира да ги промени практиките за тестирање на Ковид-19, кои чинат 3 милиони евра дневно, и да спроведува помалку тестирања, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Педро Факон, комесарот за здравствени политики на белгиската Влада, во врска со Ковид-19 рече дека сакаат да развијат систем кој овозможува намалување или зголемување на тестовите според текот на епидемијата.
Потсетувајќи дека сите што покажуваат симптоми на болеста во моментов се тестираат, Факон рече: „Време е тоа да се промени.“
Факон, исто така, наведе дека Владата сака да ги намали трошоците за тестирање преку преговори со лаборатории.
Белгиската Влада денеска се подготвува да премине од црвениот во портокалов код со олабавување на мерките, особено откако помина врвот на петтиот бран на епидемијата, кој започна со појавата на варијантата Омикрон на Ковид-19.
Вирологот Стивен ван Гухт, советник во Владата за политиките за епидемијата, во својата изјава дадена пред денешната одлука нагласи дека треба да се смени стратегијата за тестирање.
Ван Гухт нагласи дека процесите на тестирање и следење треба да се фокусираат на луѓе со хронични болести, стари лица и оние кои престојуваат во домови за стари лица.
Во Белгија во текот на минатата недела дневно се спроведуваат просечно 72.000 теста. Бројот на тестови од почетокот на епидемијата надмина 31.000.000.
За време на врвот на епидемијата, бројот на дневни тестови надмина 120.000.
Во Белгија, оние кои покажуваат знаци на Ковид-19, можат да добијат бесплатен тест.