Ali Murat Alhas
01 Јуни 2022•Ажурирај: 02 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција ќе исчисти две области во северна Сирија, во близина на турската граница, од терористичките елементи во обид да ја елиминира терористичката закана од регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Влегуваме во нова фаза од нашата одлука да воспоставиме безбедносна зона длабока 30 километри кон југ (од турско-сириската граница). Ги чистиме Тел Рифат и Мунбич од терористи“, порача Ердоган на редовниот состанок со парламентарните пратеници од Партијата на правдата и развојот (АК) во Анкара.
Ердоган рече дека Соединетите Американски Држави (САД) и Русија не ги исполниле своите обврски да обезбедат таква безбедна зона во пограничниот регион, и дека Турција е подготвена да спроведе операција за заштита на нацијата и локалното население во северна Сирија од терористичката закана ЈПГ/ПКК.
Во терористичката кампања против Турција, што трае повеќе од 35 години, терористичката организација ПКК, која е на листата на терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија, одговорна е за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.
Осврнувајќи се на барањата на Финска и Шведска да се приклучат кон НАТО, Ердоган го повтори приговорот на Турција во однос на тоа, велејќи дека двете земји ги поддржуваат и обезбедуваат безбедно засолниште за терористите, вклучително и припадниците на ЈПГ/ПКК и други.
„Шведска и Финска сè уште не ѝ дадоа конкретни одговори на Турција во рамките на нејзините очекувања, а НАТО е безбедносна организација, а не организација што го поддржува тероризмот“, рече Ердоган.
„Како може Турција да ја одобри шведската и финската кандидатура за НАТО, со оглед на тоа што придружниците на теророт „слободно шетаат, одржуваат собири таму?“, праша тој, нагласувајќи дека Анкара очекува европските земји да дејствуваат искрено и да ја решат нејзината загриженост.
Отфрлајќи ја стратегијата на ПКК/ЈПГ за усвојување различни имиња како СДФ или ПЈД, турскиот претседател рече: „Оние кои префрлаат оружје на терористичка организација без надомест, а на Турција не ѝ го даваат со плаќање, ја заслужуваат титулата терористичка, а не правна држава.. Оние кои со игра на буквите ја нарекуваат ПКК - ПЈД, ЈПГ или под плаштот на други називи, бараат нивна легитимизација, се залажуваат себеси, а не нас“, порача Ердоган.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО на 18 мај, одлука поттикната од руската војна против Украина, која започна на 24 февруари.
Турција, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги земјите дека ги толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации како ЈПГ/ПКК и ФЕТО, одговорна за неуспешниот обид за пуч во Турција во 2016 година.
За нивниот влез во НАТО е потребно едногласно одобрение од сите 30 земји членки на Алијансата.
Ердоган во текот на своето обраќање исто така кажа дека Турција го раскинала договорот за Стратешкиот совет на високо ниво со Грција.