Burak Bir
27 Ноември 2024•Ажурирај: 28 Ноември 2024
ЛОНДОН (АА) - Британскиот шеф на дипломатијата, Дејвид Лами, истакна дека Израел има законски обврски како окупаторска сила, нагласувајќи ја потребата Тел Авив да се земе на одговорност за тие обврски, јавува Анадолу.
Како одговор на прашањата на седницата на Комисијата за надворешни работи во Парламентот, Лами ја опиша моменталната состојба во Појасот Газа како „исклучително ужасна“.
Посочувајќи ги обврските на Израел, шефот на британската дипломатија нагласи дека тој не смее да ги заборави обврските во рамките на меѓународното право.
„Постојат законски обврски како окупаторска сила и се плашам дека меѓународната заедница е многу јасна за тие обврски како окупаторска сила, ние мораме да го држиме Израел одговорен“, истакна тој и додаде:
„Очекувам, како демократска земја, Израел да ги има предвид своите обврски според меѓународното право“.
На прашањето за контроверзните изјави на израелската страна за анексија на окупираниот Западен Брег, Лами рече: „Ќе направам сѐ што можам за да осигурам тоа да не се случи“.
Тој, исто така, ја повтори желбата на Британија за постоење две држави, предупредувајќи дека нема место за нелегална анексија.
На почетокот на овој месец, израелскиот министер за финансии од крајната десница, Безалел Смотрич, пркосејќи на меѓународното право, изјави дека „единствениот начин да се отстрани заканата од палестинска држава од агендата е да се примени израелски суверенитет над населбите во Јудеја и Самарија (Западен Брег ).“
Смотрич истакна дека 2025 година ќе биде година на израелскиот суверенитет во Западниот Брег. Тој рече дека им наложил на Одделот за населби и на цивилната администрација, обете под ингеренции на Министерството за одбрана, да започнат со подготовки за потребната инфраструктура за имплементирање на оваа политика.
Минатата недела, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант „за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени најмалку од 8 октомври 2023 година до најмалку 20 мај 2024 година“, откако обвинителот на МКС, Карим Кан, ги побара налозите.