Riyaz ul Khaliq
31 Јули 2019•Ажурирај: 01 Август 2019
АНКАРА (АА) - Осум години откако беше делумно оштетена од цунамито, нуклеарната централа „Фукушима Даини“ е спремна за затворање, објави денес јапонската компанија за електрична енергија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Компанијата за електрична енергија од Токио соопшти дека донела одлука за затворање на централата, која се наоѓа на околу 12 километри од нуклеарната централа што се соочи со процесот на фузија по катастрофата во 2011 година“, објави јапонскиот весник „Маиничи“.
И двете централи (Даини и Даичи) во Фукушима беа оштетени во големиот земјотрес и цунамито во март 2011 година, но Даини успеа да преживее.
„Тоа значи дека сите 10 нуклеарни реактори во североисточната префектура, вклучително и шесте во комплексот „Фукушима Даичи“, ќе прекинат со работа, иако ова ќе трае со децении“, пишува весникот.
Томоаки Кобајакава, претседателот на компанијата, ја достави одлуката до гувернерот на Фукушима, Масао Учибори.
Затворањето на четирите нуклеарни реактори во централата „Даини“ ќе чини околу 280 милијарди јени (2,6 милијарди долари) и ќе бидат потребни над 40 години.
„Компанијата планира да изгради објект за складирање на потрошеното нуклеарно гориво од централата, иако допрва треба да одбере крајно место за одложување на горивото“, додава весникот.
Илјадници жители од подрачјето мораа да ги напуштат своите домови бидејќи оштетените реактори испуштаа огромна количина радиоактивни материи во воздухот.
Во април, Јапонија започна делумно да им дозволува на жителите на дел од подрачјето близу Фукушима да се вратат во своите домови. Властите делумно ја отстранија задолжителната наредба за евакуација за градот Окума, по намалувањето на нивото на радијација по темелните активности на деконтаминација.