Barış Seçkin
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
РИМ (АА) - По поразот со 1:0 од Северна Македонија на домашен терен и пропуштената можност за учество на Светското првенство во фудбал што ќе се одржи во Катар оваа година, селекторот на Италија, Манчини, даде коментар за натпреварот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Минатата година во јули ја доживеав најголемата радост во кариерата со освојувањето на Европското фудбалско првенство. Сега го доживеав своето најголемо разочарување. Фудбалот е таков, понекогаш може да се случат неверојатни работи“, изјави Манчини.
Искусниот тренер, изјавувајќи дека имал потешкотии во анализирањето на натпреварот, продолжи со зборовите: „Не го знам ни резултатот. Тогаш заслужено го освоивме Европското првенство, но нѐ придружуваше и среќата. Но потоа таа среќа се претвори во несреќа. Мора да страдате кога ќе изгубите. Не знам што да кажам. Можеби не требаше да дојдеме до оваа точка.“
Потенцирајќи дека италијанската репрезентација е составена од добри играчи, Манчини рече дека му е многу жал за играчите.
Заблагодарувајќи му се на Габриеле Гравина, претседателот на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), за укажаната доверба, Манчини рече дека во моментов е тешко да се зборува за иднината.
Капитенот на тимот, Џорџо Кјелини, исто така, изразувајќи го своето големо разочарување, истакна: „Игравме добро, но ни недостигаше тоа што не постигнавме гол. Се гордеам со моите соиграчи. Во многу лоша состојба сме. Се надевам дека тренерот Манчини ќе остане на чело на тимот.“
Запрашан дали со овој натпревар ја завршува својата кариера во репрезентацијата, Кјелини одговори дека не е време за тоа.
- Италијанските медиуми во насловите ги обединија „Трагедија“ и „Катастрофа“ -
Елиминацијата на Италија од Северна Македонија во плејоф-рундата за пласман на Светското фудбалско првенство 2022 во Катар ги шокираше и медиумите во земјата.
Бројни медиуми, фактот што Италија вторпат по ред нема да учествува на Мундијалот, го објавија како најнова вест под наслов „Трагедија“ или „Катастрофа“.
„Кориере дело спорт“, еден од водечките спортски весници во Италија, елиминацијата на „Небесносините“ на својата интернет-страница ја објави под наслов „Неверојатно, една друга катастрофа: Италија уште еднаш е надвор од Мундијалот“.
„Ла газета дело спорт“, елиминацијата на Италија ја објави под наслов „Италијанска катастрофа: Повторно сме надвор од Светското првенство“.
Насловот во „Тутоспорт“ гласи: „Катастрофа во Италија: Небесносин кошмар. Манчини загуби од Северна Македонија и ние сме надвор од Светското првенство“.