Doğa Kırmızıoğlu
08 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
АНКАРА
Во рамките на плејоф натпреварите на американската Национална кошаркарска лига (НБА), екипата на Бруклин Нетс со резултат 125:86 го совлада Милвоки Бакс и поведе со 2:0 во серијата од 4 победи во полуфиналето на Источната конференција, известува Агенција Анадолија (АА).
Синоќа се одиграа 2 натпревари во рамките на плејофот на НБА. Во спортскиот центар „Барклис“ се одигра вториот натпревар од полуфиналето на Источната конференција, меѓу Бруклин Нетс и Милвоки Бакс. Домаќинот Нетс прикажа извонредна игра од почетокот на натпреварот до неговиот крај, совладувајќи го Бакс со 39 поени разлика.
Со оваа победа Нетс поведе со 2:0 во серијата од 4 победи во полуфиналето на Источната конференција, а на оваа средба не настапи олстар-ѕвездата на Нетс, Џејмс Харден, кој се повреди на првиот натпревар. Кај Нетс најпрецизни беа Кевин Дурант со 32 поени, 6 асистенции и 4 скока, Кари Ирвинг со 22 поени, 6 асистенции и 5 скока, Брус Браун со 13 поени и 6 скока и Џо Харис со 13 поени.
Во редовите на Бакс најдобар перформанс прикажаа Јанис Антетокумпо со дабл-дабл од 18 поени, 11 скока и 4 асистенции, Крис Мидлтон со 17 поени и 5 скока и Џру Холидеј со 13 поени.
- Санс победи на првиот натпревар од полуфиналето во Западната конференција
Во првиот натпревар од полуфиналната серија на Западната конференција, екипата на Феникс Санс, особено со перформансот што го прикажа во последната четвртина, го совлада гостинот Денвер Нагетс со 122:105.
Кај екипата на Санс, што поведе со 1:0 во серијата од 4 победи, најдобра игра прикажаа Микал Бриџис со 23 поени, 5 асистенции и 5 скока, Крис Пол со дабл-дабл од 21 поен, 11 асистенции и 6 скока, Девин Букер со 21 поен, 8 асистенции и 4 скока, Деандре Ејтон со дабл-дабл од 20 поени и 10 скока и Џеј Краудер со 14 поени.
Во редовите на Нагетс најдобар перформанс прикажаа Никола Јокиќ со 22 поени и 9 скока, Арон Гордон со 18 поени, Мајкл Портер со 15 поени и 7 скока, Факундо Кампацо со 14 поени и 6 асистенции и Џамајкл Грин со дабл-дабл од 10 поени и 11 скока, но тоа не беше доволно за да се избегне поразот од Санс.