Emre Aşıkçı
06 Февруари 2025•Ажурирај: 07 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Нејмар денес го одигра својот прв натпревар за Сантос по 12 години, во рамките на бразилската Серија А, јавува Анадолу.
Нејмар, кој неодамна го напушти саудискиот клуб Ал-Хилал за да се врати во Сантос, клуб во кој ја започна фудбалската кариера, влезе во игра во второто полувреме на домашниот натпревар против Ботафого.
На полувреме Сантос имаше водство од 1:0 благодарение на голот од пенал на Тикињо Соареш во 38. минута.
Сепак, домаќините не успеаја да го задржат водството бидејќи Александре Жесус израмни во 67. минута, поставувајќи го конечниот резултат 1:1.
По натпреварот Нејмар преку Инстаграм ги сподели своите емоции, изразувајќи ги радоста и возбудата што повторно игра за Сантос.
„Многу сум среќен и возбуден што се вратив. Ќе го дадам својот максимум, како и секогаш, за да го вратиме Сантос таму каде што заслужува да биде - на врвот“, напиша тој.
„Иако резултатот беше лош, денес беше многу посебен ден. Ви благодарам на сите за вашата поддршка и за тоа што нѐ бодревте до крајот. Сега, повеќе од кога било, ни е потребна поддршката од нашите фанови бидејќи со вас сме посилни!“, додаде Нејмар.
Нејмар дебитираше во Сантос на само 17 години, во 2009 година, а беше клучен играч на клубот до летото 2013 година кога премина во Барселона.
За својот матичен клуб постигна 134 гола на 220 натпревари.
Во Барселона, пак, ја зацврсти својата позиција како еден од најдобрите играчи во светот, завршувајќи ја кариерата во шпанскиот клуб како 17. најдобар стрелец во историјата на клубот со 105 постигнати гола.