Ekipa
30 Април 2023•Ажурирај: 01 Мај 2023
БАКУ (АА) - Мексиканскиот возач Серхио Перез победи на денешната трка за Големата награда на Азербејџан на шампионатот во Формула 1, што е негова втора победа оваа сезона во тимот на Ред Бул, пренесува Анадолу.
Перез го искористи излегувањето на безбедносниот автомобил во десеттиот круг и со заминувањето во боксот во тој момент создаде клучна предност што го донесе пред второпласираниот колега Макс Верстапен (Ред Бул).
Трет заврши Шарл Леклер во Ферари, со што го оствари своето и првото качување на подиумот за Ферари оваа сезона.
Четвртото место го освои Фернандо Алонсо од тимот на Астон Мартин, а на петтата позиција заврши уште еден возач на Ферари, Карлос Саинц.
Луис Хамилтон од Мерцедес ја заврши трката по него, седми беше Ленс Строл во Астон Мартин пред другиот возач на Мерцедес, Џорџ Расел.
Деветти беше Ландо Норис во Мекларен, а Јуки Цунода во Алфа Таури беше десетти.
Следната трка е веќе идниот викенд за Големата награда на Мајами.
Азербејџан е домаќин на трките од Светското првенство во Формула 1 од 2016 година, кога на патеката во главниот град Баку се одржа трката за Големата награда на Европа.
Во Азербејџан викендов се одржа седмото издание на трката во Формула 1, поради што улиците на Баку беа затворени за сообраќај и претворени во патека.