АНКАРА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во Анкара го прими американскиот министер за трговија, Вилбур Рос и неговата делегација, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање Ердоган рече дека со американскиот претседател Трамп го поставиле и прашањето за слободната трговија.
„На дневен ред со мојот пријател Трамп го поставивме и започнувањето на преговорите за слободна трговија. Во однос на ова прашање, соодветните министри ќе ги започнат активностите во најкусо време“
- „Трговската размена ќе достигне 100 милијарди долари“ -
Турскиот претседател истакна дека и покрај сите кризи и бранувања што се случуваат во подрачјето, Турција успеа да ја заштити својата стабилност, зголемувајќи ја својата економска и политичка моќ.
„Нашата земја, денес, според паритетот на куповна моќ се наоѓа на 13. место во светот, а претставува петта најголема економија во Европа. Нашите инвеститори покажуваат активности речиси во секоја земја од светот. Слична богата слика може да се забележи и од страна на лицата и институциите коишто инвестираат во нашата земја, бидејќи претставуваме атрактивна земја и од аспект на олеснувања при водење бизнис и за инвестиции“, нагласи Ердоган и додаде дека обемот на трговската размена од 20 милијарди долари меѓу Турција и Америка е под реалниот потенцијал.
„При последните средби со претседателот Трамп стана збор за обем на трговска размена од 75 милијарди долари, но подоцна, на средбата во Осака се договоривме тоа да го покачиме на 100 милијарди“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека за остварување на таа цел започнато е преземањето конкретни чекори.
„Верувам дека економската средба што ја остваривме ќе даде свој придонес во зацврстувањето на нашата соработка. Испраќањето на министерот за трговија, по неодамнешниот телефонски разговор остварен со почитуваниот претседател, само укажува на нашата сериозност, а во исто време е и најдобар показател за нашата чувствителност за ова прашање“, додаде турскиот претседател.
Ердоган ги повика американските инвеститори повеќе да инвестираат во Турција.
„Посакуваме повеќе американски компании да инвестираат во Турција. Подготвени сме да му дадеме соодветна поддршка на секој американски инвеститор кој ќе дојде во нашата земја.“
- „Вознемирувачки е фактот дека на терористичките групи им се испраќа муниција“ -
Осврнувајќи се на моменталната состојба во Сирија, Ердоган рече дека повеќе не е можно Турција на сопствени плеќи да понесе уште еден миграциски бран кој доаѓа од Сирија.
„Повеќе не е можно Турција на сопствени плеќи да понесе уште еден миграциски бран кој потекнува од Сирија. Засега најголема пречка и за нашата земја и за нашиот регион и за враќањето на сириските бегалци се терористичките организации како што е ПКК и нејзиниот огранок ЈПГ. Мора да се отстрани оваа заканувачка структура која спроведува етничко чистење, го приморува на миграции локалното население и претставува закана за животот и имотот на турските граѓани“, нагласи Ердоган.
Тој изрази сериозна загриженост поради тоа што на терористичките групи на овие простори им се дадени речиси 50 шлепери со воена опрема и муниција.
„Нашите очекувања од САД се да застанат покрај нас во борбата против тероризмот и да ги поддржат нашите напори во создавање безбедносни зони, со цел бегалците да се вратат во своите домови“, потенцираше турскиот претседател.
- „Очекуваме соработка со САД во борбата против ФЕТО“ -
Ердоган повтори дека Турција одлучно ја продолжува борбата против терористичката организација ФЕТО, и додаде дека Турција во оваа насока очекува блиска соработка со САД.
„Очекуваме блиска соработка со САД во нашата борба со ФЕТО, која направи упад врз турската демократија вечерта на 15 јули. Водачот на оваа терористичка организација во моментов се наоѓа во Пенсилванија на имот од 400 ари, каде што живее со целата своја екипа и оттаму управува и раководи со 160 земји во светот. Тоа постојано го раскажувавме и сѐ уште го раскажуваме. Вашата поддршка за сите овие прашања за нас е многу значајна. Убеден сум дека она што ќе го направиме во билатералните односи и во мешовитите инвестиции ќе претставува позитивна поддршка за нашите односи и на другите полиња“, заклучи Ердоган.
news_share_descriptionsubscription_contact
