Esin Işık
29 Јули 2020•Ажурирај: 30 Јули 2020
АНКАРА
Претседателот на Управата за верски работи на Република Турција, Али Ербаш, упати писмо до муслиманските верски лидери по повод отворањето на Големата џамија „Аја Софија“ (Ayasofya-i Kebir Cami-i Şerifi) за молитва, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Управата за верски работи на Република Турција е соопштено дека Ербаш во своето писмо кое го упати на муслиманските верски лидери истакна дека „Аја Софија“ доживува една од своите преродби.
Ербаш изрази задоволство и ентузијазам во врска со повторниот почеток на верските обреди во Големата џамија „Аја Софија“.
„Покрај тоа што е една од најстарите градби на Истанбул, Аја Софија е ремек-дело кое сведочеше на историјата на овој регион во изминатите 15 века“, рече Ербаш.
Напомена дека муслиманите 86 години тагувале за „Аја Софија“ и дека својата тага ја искажувале со мирни протести, песни и театарски претстави.
„Фала му на Бога, денес е завршен интерегнумот на Аја Софија. Со истрајноста на нашиот претседател претворена е во место каде што често ќе може да се клања. Преродбата на Аја Софија ќе биде извор на надеж за угнетените и прв знак на повторниот подем на нашата цивилизација“, порача Ербаш.
На крајот на своето писмо го честиташе претстојниот Курбан бајрам и изрази желба во најскоро време да изврши молитва во „Аја Софија“ заедно со верските лидери.
Во истанбулската џамија „Аја Софија“ во петокот, на 24 јули, е клањан првиот џума-намаз (петочна молитва) по 86 години, а на намазот пред џамијата присуствуваа околу 350.000 луѓе.
Турскиот суд на 10 јули ја понишни одлуката на некогашната Влада на таа земја со која на 24 ноември во 1934 година на „Аја Софија“ ѝ е доделен статус на музеј. Со тој чин на поништување на споменатата одлука, на „Аја Софија“ ѝ е вратен статусот на џамија.
Како една од најпосетените туристички дестинации во градот на Босфорот, „Аја Софија“ од 1985 година се наоѓа на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
Надлежните служби во текот на изминатите денови го уредија просторот внатре, но и платоата околу „Аја Софија“.
Турските власти најавија дека ќе продолжат со зачувување на културните и историски вредности на „Аја Софија“ на таков начин што Дирекцијата за верски работи на Турција ќе биде одговорна за верските церемонии, а Министерството за култура и туризам на таа земја ќе се грижи за реставрација, конзервација и заштита.
Туристите и понатаму ќе ја посетуваат „Аја Софија“, и тоа бесплатно, а фреските на ѕидовите ќе бидат прекривани со завеси само за време на молитвите во џамијата.