Merve Özlem Çakır
25 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за транспорт, поморство и комуникации на Република Турција, Ахмет Арслан денес во Анкара изјави дека благодарение на претседателскиот систем, во оваа земја би било многу полесно и попрактично да се остваруваат проектите, и на тој начин да се одговори на потребите на народот, јавува Anadolu Agency (AA).
Арслан беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, а во таа пригода зборуваше и за актуелните инфраструктурни проекти и за други прашања во Турција.
Во врска со уставните промени што поминаа во турскиот Парламент, Арслан изјави дека оние што во последните години биле на челни позиции на државата покажале дека претседателскиот систем бил многу покорисен за оваа земја.
Тој изјави дека законодавната и извршна власт треба да бидат одвоени и многу посилни, а тоа е всушност целта на овие уставни промени.
Тој порача дека и Министерството за транспорт, поморство и комуникации, како едно инвестициско министерство, сака да ги направи чекорите попрактични, побрзо да донесува одлуки, а за тоа, како што рече, ќе придонесе токму претседателскиот систем.
„Во таа смисла, неопходно е механизмот за донесување одлуки да биде многу побрз. Затоа благодарение токму на претседателскиот систем, многу побрзо и попрактично ќе ги оствариме проектите со кои ќе олесниме и ќе одговориме на сите потреби на сите граѓани“, изјави Арслан.
Тој се осврна и на проектот за каналот Истанбул, вештачкиот комуникациски канал кој ќе биде изграден паралелно со Босфорот, а ќе ги спојува Црното Море со Мраморното Море.
„Дојдовме до последната фаза на проектот на Истанбулскиот канал, кој се спроведува во пет рути, земајќи ги предвид важните фактори како урбанизмот, шумите, водните, земјоделските и други подрачја кои се наоѓаат на таа рута“, изјави Арслан.
Во врска со проектот за мостот Чанаккале 1915, кој според планираното треба да почне да се гради во март оваа година, Арслан изјави дека за изградбата се заинтересирани 24 компании, меѓу кои турски, но и фирми од Кина, Јапонија, Кореја и од Италија.