Nuran Erkul Kaya
25 Декември 2019•Ажурирај: 26 Декември 2019
КИРКЛАРЕЛИ
Завршен е процесот на изградба на двете линии на гасоводот „Турски тек“, со должина од 935 километри на секоја линија одделно, кој се протега од рускиот град Анапа преку Црното Море до турскиот град Кијиќој. Завршена е и подготовката на компресорската станица Рускаја во градот Анапа, како и приемниот терминал во турскиот град Кијиќој, јавува Агенција Анадолија (АА).
Секоја линија на „Турски тек“ одделно има капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас, што претставува вкупен капацитет од 31,5 милијарди кубни метри гас. Од овој момент тие се наполнети со 100 милиони кубни метри гас и подготвени се за комерцијално работење.
Првата линија на „Турски тек“, со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас, ќе обезбедува природен гас за потребите на Турција, додека преку втората линија која е со истиот капацитет, ќе се транспортира гас кон Европа.
Се планира церемонијата на официјално отворање на проектот да се одржи на 8 јануари 2020 година во Истанбул. На церемонијата се очекува да присуствуваат претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Русија, Владимир Путин.
- Втората линија на границата со Бугарија
На прес-конференцијата организирана во Приемниот терминал во турскиот град Кијиќој се обрати Асли Асен, портпаролката на проектот „Турски тек“, која информираше дека со првата линија за транспорт на природен гас во Турција, која во близина на градот Лулебургас ќе биде поврзана на мрежата за природен гас, ќе управува компанијата за нафтоводи и транспорт на нафта (БОТАШ).
Есен информираше дека природниот гас што се носи од Русија со притисок од 283 бари е под условите што ги бара БОТАШ и подготвено чека на терминалот, продолжувајќи со зборовите:
„Официјалните власти ќе одлучат за датумот на отпочнувањето на протокот на гасот. Нашите заложби беа гасот да биде подготвен до 31 декември 2019 година и ние тоа го исполнивме. И изградбата на копнениот дел од втората линија до границата со Бугарија е завршен. Оваа линија е изградена од страна на „Турски тек-компанија за транспорт“ (TürkAkım Gaz Taşıma AŞ), која е партнерска компанија на ГАСПРОМ и БОТАШ. Турција ќе добива финансиски надомест од оваа линија како транзитна земја.“
- „Не очекуваме американските санкции да влијаат на проектот“
Информирајќи дека се преземени безбедносни мерки за сигурноста на цевоводот, портпаролката Есен изјави: „Не очекуваме американските санкции да влијаат на проектот. Не сме загрижени во однос на ова прашање.“
Зборувајќи дека во рамките на „Турски тек“, поддржани се регионалните проекти за развој, Есен рече дека наместо исечените дрвја, засадени се повеќе од 100.000 нови садници, додавајќи дека се спроведуваат значајни активности на повеќе полиња, првенствено за рибарството и пчеларството.
Проектот „Турски тек“ за првпат се спомена во декември 2014 година, кога претседателот на Русија, Владимир Путин, беше во официјална посета на Турција. Меѓувладините договори за проектот беа потпишани на 10 октомври 2016 година.