Andaç Hongur,Sefa Mutlu
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
КОЏАЕЛИ (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган во градот Коџаели порача дека Турција за милиони луѓе ширум светот е симбол на мирот, благосостојбата и довербата и нагласи дека доколку се разниша Турција, ќе се разнишаат и Сирија, Ирак, Јемен, Либија, Аракан, Босна, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган се обрати пред собраните граѓани во северозападниот турски град Коџаели, а во таа пригода се осврна и на актуелните случувања.
„Оние кои со прст ѝ се закануваат на Турција, најдобро би било да земат книги и да прочитаат историја. Оние кои нам ни се закануваат на начин да 'не смееме да преминеме западно од Босфорот', најпрвин нека отидат и нека ја научат историјата на оваа земја", порача Ердоган.
Турскиот претседател порача дека „Турција за милиони луѓе ширум светот е симбол на мирот, благосостојбата и довербата".
„Турција нема друга определба освен да биде силна. Исто така, ниту турскиот народ нема друга определба освен да биде единствен, братсвото на овој народ да биде силно", рече Ердоган.
Според неговите зборови, Турција е име на последното пристаниште во кое, кога им е тешко, ќе се засолнат бројни нејзини браќа од Балканот до Кафказот, од Туркестан до Африка. Ако се разниша Турција, како што рече Ердоган, ќе се разнишаат и Сирија, Ирак, Јемен, Либија, Аракан, Босна.
Нагласи исто така, доколку ослабне турскиот народ, ќе ослабне и палестинското прашање, како и прашањето на Ерусалим.
Ердоган упати и жестоки критики кон Кемал Киличдароглу, лидерот на турската опозициска Републиканска народна партија (ЏХП), кој неодамна, говорејќи за последниот терористички напад врз две џамии во Нови Зеланд, во кој се убиени најмалку 50 лица, изнесе скандалозна реченица и рече дека „муслиманите би требале да се преиспитаат себеси".
„Еден подлец во текот на џума-намаз (петочна молитва) во Нов Зеланд уби 50 наши браќа. Лидерот на ЏХП излегува и вели дека 'муслиманите би требале да се преиспитаат себеси'. Најпрвин, ти би требал да се преиспиташ себеси", порача Ердоган.