Sena Güler
15 Октомври 2019•Ажурирај: 16 Октомври 2019
БАКУ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека во антитерористичката операција на Турција во северна Сирија, од терористите е расчистена територија од 1.000 километри квадратни, јавува Anadolu Agency (AA).
„Заклучно со утринава, ослободивме околу 1.000 километри квадратни од окупација на сепаратистичката терористичка организација“, рече Ердоган на 7. Самит на Советот за соработка на државите од туркиско говорно подрачје во главниот град на Азербејџан, Баку.
„Терористичките организации се најголем извор на закана за мирот, спокојноста и стабилноста на нашиот регион“, изјави Ердоган.
„Случувањата во Сирија во текот на изминатите осум години од граѓанската војна покажаа дека [една] терористичка организација не може да биде елиминирана со употреба на друга терористичка организација“, додаде тој, осврнувајќи се на долгогодишната поддршка на САД во борбата против терористите на ДЕАШ, поддршка која заврши на почетокот од овој месец.
„Турција презеде многу важен чекор кон елиминирање на терористичката организација ПКК/ЈПГ на 9 октомври, денот кога е започната операцијата „Извор на мирот““, изјави тој.
Тој истакна дека Турција има за цел да го расчисти од терористите подрачјето на Мунбич, Сирија, до ирачко-турската граница, и да обезбеди доброволно преселување на околу 3 милиони сириски бегалци во своите домови.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Анкара сака да ја исчисти северна Сирија, подрачјето источно од реката Еуфрат, од терористите на ПКК и нејзиниот сириски огранок ПЈД/ЈПГ.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.
Ердоган додаде дека исто како и во подрачјата на сириските Африн, Џарабулус и Азаз, ослободени во претходните турски антитерористички операции од 2016 година, Турција исто така ќе обезбеди стабилност и во северниот дел на Сирија со изградба на инфраструктура, училишта, болници и други проекти со меѓународна поддршка.
- Нагорно-Карабах -
„Гледаме дека улогата на структурите како што се Туркискиот совет, во глобалната политика расте“, изјави Ердоган, нагласувајќи ја важноста која Советот ја дава на својата соработка со мултилатералните платформи.
Ердоган, исто така ги повика членовите на Туркискиот совет - основан пред 10 години со Договорот од Нахчиван, за взаемно укинување на царинските квоти за зајакнување на трговијата и соработката.
Во врска со конфликтот во Нагорно-Карабах, Ердоган рече дека окупацијата на Ерменија на азербејџанско тло раселила околу милион луѓе.
„Ова е неприфатлива ситуација“, изјави тој.
„Ќе продолжиме да правиме напори за да го решиме прашањето за Нагорно-Карабах што е можно поскоро, на мирен начин и врз основа на територијалниот интегритет на Азербејџан“, нагласи тој.
Нагорно-Карабах е меѓународно призната територија на Азербејџан незаконски окупирана од Ерменија преку воена агресија од 1991 година.
Ерменската окупација на историската азербејџанска територија ја натера Турција да ги затвори своите граници со Ерменија.
Покрај Ердоган, на денешниот Самит на Советот за соработка на државите од туркиското говорно подрачје (Туркискиот совет) присуствуваа претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, основачот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, претседателот на Киргистан, Соронбај Џенбеков и претседателот на Узбекистан, Шевкет Мирзијојев.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и заменик-министерот на Туркменистан, Пурли Агамурадов, присуствуваа како набљудувачи.
По Самитот лидерите објавија декларација.