Bedrudin Brlyavac
30 Јули 2016•Ажурирај: 31 Јули 2016
АНКАРА (AA) - Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган по повод Денот на мачениците (шехидите) 15 јули и отворањето на Културниот центар Бестепе синоќа во Анкара изјави дека бројот на жртвите од неодамнешниот обид за државен удар достигна 237, а дека се ранети 2.191 лице, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во ноќта на 15 јули загинаа 237 маченици, од кои 170 цивили, 62 полицајци и пет војници. Заклучно со 19 часот имаше 2.191 ранети лица“, рече Ердоган.
Истакна дека исто така, турскиот народ во ноќта на 15 јули ги урна плановите кои, како што рече, против него ги коваа 40 години.
„Во ноќта на 15 јули, како народ, на оние што нам ни поставија замки, им ги ставивме истите замки на нивната глава. Осумдесет и еден град, 79 милиони жители, цела Турција беше едно и во рок од 20 часа го урна планот подготвуван 40 години, 40 години подготовки и 40 години стари подмолни планови. Терористичката организација постоеше 40 години. Во тие 40 години делуваа за да дојдат до денешните денови“, рече Ердоган.
Зборувајќи за ноќта на 15 јули, Ердоган изјави дека она што се случи на крајот им се удри од глава како чекан на оние кои чекаа Турција да падне на колена.
„Она што се случи таа ноќ и секоја сцена што таа ноќ ја забележаа камерите и објективите, им се удри од глава како чекан на оние што чекаа Турција преку економијата, политиката, општеството и тероризмот да падне на коленици“, рече Ердоган.
Истакна дека, како што рече, некои луѓе себеси си дале право да делат совети и критики за Турција по обидот за државен удар во кој загинаа 237 лица.
„Во мојата земја е извршен обид за државен удар и во мојата земја притоа се убиени 237 лица, додека ранети се 2.191. Некој таму се осмелува, изразува сочувство, а потоа ни дели девет совети. Таа памет ти остави ја за себе“, рече Ердоган.
Тој дека пучистите во својот поход фрлале бомби и пред џамиите, нагласувајќи дека оние што тоа го направиле немаат врска со турскиот народ.
„Еве тука, со авион ја бомбардираа раскрсницата кај командата на Жандармеријата. Не им беше доволно, па потоа фрлаа бомби и пред џамијата каде што загубивме петмина граѓани. Тоа може да го направи само неверник. Може ли тоа да го направи некој што за себе вели дека е муслиман и Турчин? Овие немаат никаква врска со овој народ“, рече Ердоган.
Претседателот Ердоган изјави дека ги повлекол сите тужби подигнати поради навредувањето на институцијата претседател и на неговата личност.
На крајот нагласи дека ќе бидат откриени сите оние што се поврзани со терористичката организација ФЕТО.
„Некои велат дека сме привеле и сме отпуштиле 10 илјади луѓе, 20 илјади. Да, ги има на десетици илјади, сите ќе бидат откриени“, истакна Ердоган, коментирајќи ги наводите дека во Турција досега од служба, од разни позиции се отстранети илјадници лица поврзани со терористичката организација ФЕТО.