Güç Gönel,Sefa Mutlu
23 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
ИСТАНБУЛ (AA) - Претседателот на Турција и лидерот на Партијата на правдата и развојот (АК Парти) Реџеп Таип Ердоган во обраќањето на членовите и симпатизерите на АК Партија во Истанбул изјави дека до овој момент во Африн и Синџар се неутрализирани вкупно 2.732 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган истакна дека оние кои говорат зошто Турција покренува акции надвор од своите граници со тоа јасно покажуваат нелагодност поради тоа што Турција сигурно чекори кон иднината.
„Секое лице и секој дел од општеството кој се прашува 'зошто Турција покренува акции надвор од своите граници' покажуваат длабока нелагодност поради нашето единство како и поради тоа што со самодоверба чекориме кон иднината", рече Ердоган и уште еднаш потврди дека градот Африн во Сирија е под контрола на турските сили.
„Африн е под наша контрола. Напатените и угнетените луѓе веќе почнаа да се враќаат во своите домови во Африн", рече турскиот претседател.
Нагласи дека Турција во текот на изминатите 15 години постигнала големи успеси и напредок и покрај пречките и предизвиците кои ѝ стоеле на патот.
Додаде дека и во наредниот период Владата на Турција ќе работи напорно за да земјата продолжи со напредокот.
„До ден денеска не се покоривме на ниту една овоземска сила", рече Ердоган.
Турската војска продолжува со пребарување и чистење на регионот Африн, кој е ослободен од терористите.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН односно на правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.