Kaan Bozdoğan
05 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес порача дека Турција им го дала правото на глас на жените пред голем број европски земји, што на најдобар начин го одразува ставот на турската нација кон жените, известува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган се огласи со видеопорака по повод 87-годишнината откако жените во Турција се стекнаа со право на глас и право да бидат бирани за пратенички.
„Турција пред голем број европски земји им даде право на глас и избор за пратенички на нашите жени кои испишаа еп во Војната за независност“, порача Ердоган и додаде:
„Фактот дека нашите жени многу порано имаа право на глас отколку во Европа е важен показател што го одразува ставот на нашата нација кон жените.“
Претседателот Ердоган нагласи дека за жал, оваа визија на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција, не била одржана од страна на раководствата што следувале по него.
„Оние кои жените ги делеа по облекувањето, ги спречуваа да ги остварат своите уставни права, особено правото да бидат избирани“, додаде Ердоган.
Нагласувајќи дека иако жените во Турција се стекнале со правото на глас и правото да бидат бирани уште во 1934 година, Ердоган рече дека жените почнале слободно да ги користат своите права со доаѓањето на власт на Партијата за правда и развој (АК партија).
Ердоган потсети дека речиси 60 години по смртта на Мустафа Кемал Ататурк, застапеноста на жените во Парламентот никогаш не надминала 4 %.
„Оваа тешка слика, која не одговара на нашата земја, на нашиот народ и славната борба на нашите жени во Војната за независност, се смени во 2002 година кога на власт дојде АК партијата“, порача Ердоган.
Ердоган соопшти дека на општите избори во 2002 година во турскиот Парламент жените биле застапени само со 24 пратенички, односно 4,4 %. Низ изборните процеси што следувале, бројот на жените во Парламентот континуирано растел, а на последните избори одржани на 24 јуни 2018 година од вкупно 600 пратенички места, 104 им припаѓаат на жените.
„Додека некои демнат можност да го искористат името на жените, ние работиме на тоа да нашите жени ги остварат своите права и слободи, без каква било дискриминација. Се надеваме дека и во наредниот период ќе продолжиме да изнаоѓаме решенија за проблемите на жените, особено кога станува збор за прашањето за насилството над жените“, заклучи Ердоган.