ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, пред заминувањето во посета на Босна и Хецеговина изјави дека Турција го нема луксузот оддалеку да ги набљудува случувањата на подрачјето на Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес на аеродромот во Истанбул, пред заминувањето во дводневна посета на Босна и Хецеговина, одговараше на прашањата на новинарите, а притоа порача дека мирот и стабилноста на Балканот се многу важни за Турција.
„Мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот се многу важни за нас. Нашата земја го нема тој луксуз оддалеку да ги набљудува случувањата на тоа подрачје“, рече Ердоган.
Турскиот претседател денес пристигнува во посета на БиХ, во рамките на која утре ќе присуствува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), со кој претседава Босна и Херцеговина.
Се очекува Ердоган на првиот ден од посетата во Сараево да оствари средба со делегација на турската воена милиција, која делува во составот на ЕУФОР во Босна и Херцеговина.
Ердоган ќе ги посети и Шехидските гробишта „Ковачи“ и гробот на првиот претседател на Претседателството на БиХ, Алија Изетбеговиќ.
Ердоган во текот на денот ќе се состане и со членовите на Претседателството на БиХ. Во текот на денот најавен е и состанок со претседавачот на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ и со претседателот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, како и учество на свечена вечера во Претседателството на БиХ.
По состанокот со Изетбеговиќ, планирана е средба на Ердоган со словенечкиот претседател, Борут Пахор.
Утре, на вториот ден од посетата, турскиот претседател ќе присуствува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), а на маргините на самитот би требало да се сретне и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во придружба на сопругата Емине Ергодан, турскиот претседател во Сараево треба да присуствува и на испраќањето на посмртните останки на жртвите од геноцидот во Сребреница, кои ќе бидат погребани во Поточари на 11 јули, на 24. годишнина од тоа злосторство.