АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека како потомци на шехидите (паднатите херои) во Битката кај Чанаккале, Турците никогаш нема да прават отстапки за нивната независност, иднината и слободата, пренесува Anadolu Agency (AA).
По повод 104. годишнина од Битката кај Чанаккале, која се случи во текот на Првата светска војна и зазема едно од најзначајните места во историјата на Република Турција, Ердоган објави порака во која им оддаде почест на сите шехиди и борци.
Истакнувајќи дека турскиот народ со гордост и силни емоции го одбележува 18 март како Ден на шехидите и победата во Чанаккале, Ердоган наведе дека тоа е битка во која се победени светските сили, со која е сменет текот на историјата и во која турските предци оствариле светла и чесна победа.
„Чанаккале е тлото на кое од пепелта повторно се разбуди турскиот народ и ги обнови своето единство и заедништво со кои оствари многу чесни победи во историјата“, истакнува Ердоган.
Тој, исто така наведе дека факелот запален на Чанаккале го осветлил патот на борбата за независност и основањето на Република Турција.
„Нашата најголема одговорност е во срцата да го сочуваме жив борбениот дух, одлучноста и еуфоријата кои во наследство ни ги оставија нашите храбри предци. И сега, единствени, рамо до рамо, и со иста одлучност се спротивставуваме на сите заговори и планови кои се коваат против нашата земја“, порача Ердоган.
Тој на крајот на пораката уште еднаш им оддаде почест на сите шехиди и борци кои во Битката кај Чанаккале ги предводеше војсководецот и основач на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
Низ цела Турција, но и во светот, на различни начини ќе биде одбележана 104. годишнина од Битката кај Чанаккале. Битката кај Чанаккале во Европа е позната како Битката на Галиполе и е една од најкрвавите и најжестоки битки во Првата светска војна, а според многу показатели, и во историјата воопшто.
Поморската битка која од 3 ноември 1914 година до 18 март 1915 година е водена кај Галиполе, како и копнената битка која се одвиваше на Галиполе од 25 април 1915 година до 9 јануари 1916 година, се битки кои заземаат најзначајно место во турската, но и во историјата на сите муслимански народи во овој дел од светот.