Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
11 Декември 2020•Ажурирај: 12 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ги критикуваше обидите за воведување санкции врз Турција, предупредувајќи дека таквите мерки би им нанеле штета на сите страни, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на состанокот на владејачката Партија за правда и развој преку видеоконференциска врска од Истанбул, Ердоган изјави: „Вратите на Турција се отворени за сите инвеститори и ќе продолжат да бидат отворени.“
„Имаме длабоко вкоренети политички и економски односи со Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија кои ниту некогаш можеме да ги игнорираме ниту би сакале да ги изгубиме“, изјави Ердоган.
Тој изјави дека последните обиди за воведување санкции врз Турција нема да бидат од корист на никого.
„Како Турција, немаме преземено ниту еден чекор кој ќе би им наштетил на нашите односи со САД и Европската Унија“, додаде Ердоган.
Турскиот претседател исто така возврати и на домашните критики врз катарските инвестиции и изјави дека тоа е знак на фашизам.
„Кога инвеститорот е Американец, Британец или Французин, тие нема да коментираат, но тие очајно напаѓаат кога инвеститорот е од Катар“, изјави тој.
Ердоган исто така нагласи дека секој кој лошо говори за беспилотните летала, тенкови, артилерија, проектили и мотори од турско производство, напаѓа свесно или несвесно и ги брани интересите на непријателите на Турција и светските компании за оружје.
Турскиот претседател ќе раководи со состанокот на Кабинетот наредната недела, на кој, како што истакна, ќе биде сеопфатно оценета посетата на Азербејџан.