Sibel Uğurlu
16 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес во телефонски разговор со лидерите на Индонезија, Судан и Катар, ги повика земјите-членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС) да формираат заеднички став за убивањата во Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Телефонскиот разговор на турскиот претседател со индонезискиот претседател Јоко Видодо, катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани и суданскиот претседател Омар ал-Башир, се случи откако 62 палестински демонстранти беа убиени, а стотици повредени во израелската престрелка на границата на Газа во понеделникот.
Лидерите дискутираа и за агендата за тековниот вонреден состанок на ОИС кој ќе се одржи во Истанбул в петок, во врска со зголемените тензии во Палестина и преместувањето на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.
Ердоган рече дека меѓународната заедница треба да зборува за страдањата на Палестинците и да побара цврст и заеднички став од страна на ОИС.
Илјадници Палестинци се собраа во понеделникот на границата на Газа за да протестираат поради израелската окупација и преместувањето на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).
Израелските безбедносни сили со употреба на сила и огнено оружје се обидоа да ги спречат протестите кои продолжија и вчера.
Во осудите што пристигнуваат од светот, меѓу останатото е наведено и дека прекумерната сила е недопустлива во случај на мирни протести какви што Палестинците организираа на 70-годишнината од Накба, односно, по повод масовниот прогон на овој народ.