Yıldız Nevin Gündoğmuş
13 Август 2021•Ажурирај: 15 Август 2021
КАСТАМОНУ
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, подрачјата погодени со поплави во Кастамону, Бартин и Синоп, ги прогласи за зони на катастрофа кои влијаат на општиот живот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган се обрати на граѓаните кои го дочекаа откако изврши петочна молитва (џума намаз) во џамијата во подрачјето Бозкурт во Кастамону.
Турскиот претседател потсети дека интензивните врнежи предизвикале поплави во областите Кастамону, Бартин и Синоп, а меѓу најпогодените подрачја се Бозкурт, Аздавај, Инеболу, Куре и Пинарбаси во Кастамону.
Ердоган упати и убави желби до жителите на селата погодени со поплавите во Бартин и Синоп и изрази сочувство до семејствата на настраданите.
„Продолжена е потрагата по лицето исчезнато во Бартин. На домашно лекување се пуштени повредените лица на кои им е пружена итна медицинска помош, а мал број граѓани сѐ уште се на лекување. Бог нека ви подари здравје“, изјави Ердоган.
Тој потсети дека Турција, како и многу места низ светот, одреден временски период се соочува со природни катастрофи.
„Не само нашата земја, туку и Америка, Канада, Германија, многу земји на Европа се борат со вакви непогоди“, изјави Ердоган.
Тој потсети дека јужниот дел на Турција го зафатиле незапаметени пожари, а на источниот дел на Црноморскиот Регион дошло до поплави.
Се осврна на пожарите во Анталија и Мугла.
„Фала му на Бога, успеавме под контрола да ги ставиме речиси сите пожари. На северниот дел на земјата, сега дојде до поплави. Како што и претходно реков, долго се боревме и со потешкотиите во подрачјето во источниот Црноморски Регион предизвикани од поплавите“, изјави Ердоган.
Тој потсети на новите поплави кои го зафатиле западниот Црноморски Регион.
Посочи дека постои заедничка тага за жртвите, како и за луѓето чиј имот е оштетен во Кастамону и околината, и дека сите релевантни служби се ангажирани на терен, вклучително и многу министерства и Канцеларијата за управување со вонредни состојби (АФАД).
Се осврна на фактот дека државата презела голем број чекори за да ги задоволи потребите на граѓаните, од вакцини до храна, и рече дека ќе продолжи да го прави тоа.
„Во моментов има 4.760 вработени на теренот, 19 хеликоптери, еден дрон, 41 национален тим за медицинско спасување, 630 возила за специјална намена, 437 средства за механизација и друга опрема“, рече Ердоган.
Тој им честиташе на спасувачките екипи кои со хеликоптери ги спасија граѓаните.
Според неговите зборови, надлежните служби на автопатот се на терен и работат на изнаоѓање алтернативни патишта на места каде што сообраќајот се одвивал отежнато поради оштетување на мостовите. Се работи и на елиминирање на потешкотиите во комуникацијата.
Ердоган, исто така, рече дека 120 тимови работат на проценка на штетата во три области.
„Ги преземавме сите итни мерки, од кредитна поддршка до продолжување на оданочувањето. Екипите задолжени за секој сектор на услуги се на терен и работат постојано. Невладините организации исто така даваат помош. Во првата фаза беа доделени средства и за институциите. И другите области во регионот се во состојба на готовност“, рече турскиот претседател.
Тој, исто така, рече дека се работи напорно за да се осигура дека граѓаните чии домови се уништени во поплавите што побрзо ќе добијат нов покрив над главата.
„Исто така, започнавме активности за надоместување на штетите предизвикани од поплавите. Не можеме да ги вратиме луѓето кои ги загубија животите, но нашата држава има сила, способност и решеност да надомести каква било загуба, освен тоа“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател рече дека природните катастрофи се периоди кога единството, солидарноста и емпатијата на државите и народите доаѓаат до израз.