Eda Özdener
22 Февруари 2020•Ажурирај: 24 Февруари 2020
ИЗМИР (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, за ситуацијата во Идлиб рече дека разговарал со Путин, Макрон и Меркел, и дека по неопходните проценки дефинирана е мапата на патот за Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган престојуваше во местото Менемен, недалеку од западниот турски град Измир, каде што говореше на церемонијата на отворањето на Автопатот Менемен - Алага - Џандарли. Во таа пригода се осврна на актуелните случувања, поконкретно, на актуелната ситуација во Идлиб.
Ердоган потенцираше дека политиката на неговата земја кон Сирија и Либија не е ниту авантуристичка ниту случаен избор.
„Ниту кај еден проблем кој е пред нас нема да направиме чекор назад, туку ќе продолжиме да работиме сѐ до остварување на нашата цел“, рече Ердоган.
Потсети дека вчера телефонски разговарал со претседателот на Русија, Владимир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.
„Разговарав вчера со Путин, со Макрон и Меркел. По сите извршени проценки, ја дефиниравме нашата мапа на патот за Сирија“, рече Ердоган.
Нагласи дека Турција има доволно моќ и капацитет да води независна политика и да ја спроведува на терен.
„Како земја и народ водиме една нова борба за независност. Во оваа борба нашите интереси понекогаш се судираат со интересите на другите земји и сили. Ако биде потребно, сами ќе преземеме чекори, нашата земја да ги оствари предвидените цели. Моќта и капацитетот на Турција денес се доволни за независна политика, како и нејзиното спроведување на терен“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.