Gökhan Ergöçün
15 Април 2023•Ажурирај: 17 Април 2023
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, испрати видеопорака по повод лансирањето во вселената на првиот турски национален сателит за набљудување на Земјата со висока резолуција, јавува Анадолу.
„Со гордост го лансиравме првиот сателит на нашата земја со висока резолуција во вселената како предвесник на ‘Векот на Република Туркије’“, рече Ердоган.
Истакна дека сателитот ИМЕЏЕ е најнапредниот турски сателит за набљудување на Земјата во однос на резолуцијата на сликата, брзината на комуникација и маневрирањето.
„Туркије ги разви клучните технологии на сателитот ИМЕЏЕ, вклучително и компјутер за лет и комуникациските системи. Туркије самостојно го заврши дизајнот, производството, монтажата, интеграцијата и тестирањето на сателитот за набљудување ИМЕЏЕ. Овој сателит има можност за снимање на целиот свет преку своите електрооптички камери“, рече Ердоган и додаде:
„Ние во моментов произведуваме, извезуваме, па дури и испраќаме клучни технологии во вселената.“
Како што рече, Туркије досега во орбитата има испратено и неколку комуникациски сателити.
„Од осум комуникациски сателити што ги испративме во орбитата, три успешно ја завршија својата мисија. Останатите пет комуникациски сателити активно ѝ служат на нашата земја“, истакна Ердоган.
Тој рече дека Туркије придава посебно значење на развојот на технологиите.
„Туркије веќе ги бере плодовите на националниот технолошки напредок, а целта е да се искачи на самиот врв на глобалната технолошка лига“, рече турскиот претседател.
Потсети колку во светот е напреднато вложувањето во вселенската економија.
„Големината на глобалната вселенска економија порасна од 245 милијарди долари во 2009 година на 469 милијарди долари во 2021 година“, нагласи Ердоган.
ИМЕЏЕ, првиот турски национален сателит со висока резолуција, е дизајниран и развиен од турскиот Институт за истражување на вселенски технологии ТУБИТАК.
Туркије денес успешно го лансираше во вселената првиот национален сателит со висока резолуција ИМЕЏЕ за набљудување на Земјата.
Првиот сателит од турско производство е лансиран утрово од вселенската база Ванденберг во американската сојузна држава Калифорнија во 8:48 часот по средноевропско време.
Со ова лансирање Туркије првпат ќе има електрооптичка сателитска камера со висока резолуција во орбитата.
Орбитата на ИМЕЏЕ ќе се совпадне со Сонцето на височина од 680 километри и ќе служи во областа на одбраната, управувањето со катастрофи, животната средина и урбанизацијата, како и во земјоделството и шумарството.
Во текот на петгодишната мисија сателитот ИМЕЏЕ ќе снима слики од целиот свет.