Zehra Nur Düz
19 Октомври 2019•Ажурирај: 21 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го поздрави високото ниво на односите што Турција ги има со земјите од Африка, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган имаше обраќање пред учесниците на 3. Самит на верските муслимански лидери на Африка во Истанбул и истакна дека Турција во изминатата деценија и половина на африканскиот континент го зголемила бројот на амбасади од 12 на 42.
„Како резултат на големиот труд што го вложивме, успеавме да го подигнеме нивото на соработка меѓу Турција и Африка на ниво што беше незамисливо пред 15 години“, рече Ердоган.
Тој истакна дека вкупно 10.480 студенти од Африка го завршиле образованието на турските универзитети и дека во своите татковини дејствуваат како амбасадори на мирот и претставуваат мост за идна соработка.
Ердоган рече дека западните земји не сакаат Африка да застане на нозе, да ги искористи огромните потенцијали кои ги има и да завладее мир на целиот континент.
„Веројатно вие подобро ги знаете прстите кои колонијалистичките земји ги вмешаа во геноцидот во Руанда. Западниот свет и Обединетите нации (ОН) само гледаа како за три месеци во Руанда свирепо се убиваат 800.000 луѓе“, рече Ердоган.
Турскиот претседател исто така истакна дека сите земји кои денес се обидуваат на Турција да ѝ држат лекции за вистината, правдата и слободите, во сопствената историја имаат дамки од злосторства, окупации и колонијализам.
„Под многуте збрки во Африка испливуваат оружјето или нафтените компании од Западот“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција и нејзиниот народ никогаш не ја граделе среќата врз природните ресурси, потта, трудот и крвта на некои други заедници, Ердоган нагласи дека Турција и нејзиниот народ никогаш не ги прифатиле наметливите и агресивни ставови на Западот кон Африка.
„Се трудиме во Африка да не остане ниту една врата на пријатели на која немаме тропнато, на кои не сме им помогнале и со кои не сме воспоставиле соработка“, порача Ердоган.
Ердоган понатаму рече дека на многу места се среќава со голем број луѓе кои носат муслимански имиња, а кои ја изгубиле врската со исламот. Додаде дека во тој случај големо влијание имаат мисионерските активности, и дека за тој процес во значителна мера помагаат и терористичките организации ДЕАШ, Боко Харам, ФЕТО и други.
„Како муслимани секогаш ќе внимаваме на свеста за уметот, законите за братството. Вештачките граници меѓу нас не можат да ги одредуваат нашите хоризонти“, порача Ердоган.