Ali Murat Alhas,Dilan Pamuk
10 Ноември 2020•Ажурирај: 11 Ноември 2020
АНКАРА
„Борбата за демократија и развој на својата држава ја водиме така како што би сакал Ататурк, кој говореше ‘моето духовно наследство се науката и знаењето’ “, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по повод 82-годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ердоган истакна дека некои сакаат да го направат безвредно наследството на Ататурк, така што го догматизираат.
„Се боревме со оние што мислат дека се сопственици на државата, господари на народот, слуги на Западот, и нашата земја повторно ја споивме со нашата историја и целите што го опфаќаат целиот свет“, рече Ердоган.

Тој рече дека тоа не е лесна борба, а во нејзиниот центар се наоѓа народот, татковината и цивилизацијата.
„Нè напаѓаа на различни начини оние што се навикнаа со години да ја користат нашата земја како таткова оставштина, преку грст елита“, рече Ердоган и додаде:
„Зад сите подмолни игри на властите, крвавите терористички напади, сепаратистички напади на границите, обиди за државен удар, економска саботажа, стои истото прашање. Турција е длабоко и подмолно опкружена бидејќи ја продолжува ослободителната борба што ја започна пред сто години на многу посилен начин. Да останевме во оние тесни граници нацртани од другите, не би се соочиле со ниту еден од овие предизвици, меѓутоа, не би можеле да му погледнеме во очи на својот народ, не би ги прифатиле молитвите што ни ги упатуваат угнетените“, додаде Ердоган.
Тој истакна дека Турција по секоја цена се бори за секој аманет на историјата и цивилизацијата, од Ирак до Сирија, од Либија до Кипар, од Карабах до Ерусалим.
Ердоган истакна дека најголемиот подарок за Ататурк би бил тоа што ќе ја понесе економијата на Турција меѓу првите 10 во светот.
„Езаните [повикот за молитва] нема да бидат замолчени, знамето нема да се спушти, народот и државата нема да бидат поделени, зборувам искрено, Алах ми е сведок“, заклучи Ердоган.
Ататурк беше прв претседател на Република Турција до 10 ноември 1938 година, кога почина во Истанбул на 57-годишна возраст.
Традиционално, турскиот народ го посетува Мавзолејот на Ататурк во Анкара секој 10 ноември и му оддава почест, а секојдневниот живот запира во 9:05 часот по локално време, кога сирените го одбележуваат точниот момент на смртта на Ататурк, а милиони луѓе низ целата земја му оддават почест со двеминутно молчење.