Kaan Bozdoğan
31 Јули 2024•Ажурирај: 01 Август 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Универзитетот „Богазичи“ во Истанбул ќе биде домаќин на конференцијата „Преиспитување на меѓународното право по настаните во Газа“, јавува Анадолу.
Универзитетот „Богазичи“ информираше дека на конференцијата „Преиспитување на меѓународното право по настаните во Газа“, која ќе се одржи на Правниот факултет од 3 до 4 август, ќе се разговара за меѓународното право, човековите права и глобалниот политички систем.
На конференцијата, на која ќе учествуваат повеќе од 100 водечки светски експерти за меѓународно право, ќе се одржат говори на теми, како што се: „Правда за Палестина и потенцијалот на Меѓународниот суд на правдата“, „Меѓународно хуманитарно право: пристап, права, дигитални полиња и иднина“, „Социјални и економски права на окупираните палестински територии“.
Поранешниот специјален известувач на Обединетите нации (ОН) за Палестина, Ричард Фалк, кој беше депортиран од Израел поради известувањето за кршењето на човековите права во Газа, ќе зборува на тема со наслов „Борбата во Газа: Дали меѓународното право е важно ако не може да се примени?“ Презентација ќе има и поранешниот специјален известувач на ОН за Палестина, Мајкл Линк, кој е познат по својата работа за незаконитоста на израелските населби на Западниот Брег и практиките на апартхејдот.
Покрај тоа, на конференцијата како говорници ќе присуствуваат и специјалниот известувач на ОН за правото на домување Балакришан Рајагопал и поранешниот специјален известувач на ОН за правото на храна, Хилал Елвер.