Beyza Binnur Dönmez
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Врховната изборна комисија на Република Турција, Сади Ѓувен, соопшти дека прелиминарните резултати на неделните локални избори се предадени на политичките партии и дека е во тек процесот на вложување жалби и приговори, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изборната комисија ќе им даде сертификати на кандидатите кои победија во гласачките единици во кои нема да има жалбени постапки“, изјави Ѓувен утринава во Анкара.
Тој појасни дека сите политички партии имаат право денес и утре до Изборната комисија да вложат приговори и жалби на изборните резултати од гласачките места.
Вкупно 12 политички партии учествуваа на изборите на кои граѓаните на Турција ја избираа локалната власт за мандат од пет години. Право на глас имаа 57 милиони граѓани.
Гласачите во Турција в недела бираа градоначалници во големите градови, градоначалници на општини, членови на градски или покраински и општински совети. Гласачите ги избираа и најниските инстанци на локалната власт во Турција (мухтари и совети на старешини).
Турција има вкупно 81 област, вклучително и 30 големи метрополи, како Истанбул и Анкара.
Според прелиминарните резултати, владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) ја освои трката за врвни позиции во 39 области, вклучувајќи и 15 метрополи.
Опозициската Републиканска народна партија (CHP), според прелиминарните резултати, води во трката за градоначалник на Истанбул. Кандидатот на Републиканска народна партија, Екрем Имамоглу, води со 48,79 отсто од освоените гласови пред кандидатот на АК Партијата, Бинали Јилдирим, кој доби 48,51 отсто од гласовите.
Во трката за градоначалник на Анкара, исто така води кандидатот на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Мансур Јаваш (50,91 отсто) пред кандидатот на АК Партијата, Мехмет Озасеки (47,1 отсто).