Jeyhun Aliyev
01 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - „Гласовите во изборната трка за градоначалник на метрополата Истанбул сè уште се бројат“, истакна кандидатот за градоначалник од редовите на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Parti), јавува Anadolu Agency (AA).
Бинали Јилдирим за новинарите изјави дека бројот на неважечки гласови (319.500) на вчерашните избори ја надмина разликата во гласовите за десетпати, додавајќи дека неговиот ривал, кандидатот на главната опозициска Републиканска народна партија (CHP), Екрем Имамоглу, моментално има 25.000 гласови повеќе.
„Има 31.136 гласачки кутии. Доколку еден глас е погрешно пополнет во секоја гласачка кутија, тоа изнесува 31.136 гласови, што е повеќе од разликата“, истакна Јилдирим.
Тој, исто така, им се заблагодари на сите жители на Истанбул и истакна дека турската Врховна изборна комисија (YSK) ќе го има последниот збор.
Според неофицијалните резултати, на вчерашните локални избори во Турција, владејачката АК Партија води со 16 општини на метрополи (поголеми градови) и 24 града.
Милиони турски гласачи го искористија своето граѓанско право за избор на градоначалници, членови на градски совети, претставници на локалната власт (мухтари), членови на општинските совети, членови на обласни генерални собранија, членови на селски комисии и селски собранија за следните пет години.