ИСТАНБУЛ (АА) - Турција овој викенд е домаќин на Самитот „Стратком 2021“, меѓународен собир на кој ќе се разгледаат актуелните политики, прашања, предизвици и трендови на екосистемот за стратешки комуникации, јавува Агенција Анадолија (АА).
На дводневниот Самит ќе учествуваат 112 говорници од над 30 земји и публика од над 3.000 истакнати учесници. Темите што ќе бидат дискутирани на Самитот се стратешките комуникации, јавната дипломатија, дигиталната дипломатија, метаверзумот, дезинформациите, новите медиуми, новите комуникациски технологии и трендови, стратешкиот маркетинг и политичката комуникација.
Во воведниот говор на отворањето на Самитот, директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, рече дека Самитот ќе биде домаќин и на искусните медиумски и комуникациски професионалци и на новите медиумски пионери.
„Заедно ќе поминеме два дена на Стратком, ќе дискутираме и за нашите грижи и за надежите“, рече Алтун на првиот ден од Самитот.
Додаде дека поимот „пост-вистина“ станал клучен збор, што се појавува сè повеќе и повеќе во последната деценија.
„Новите медиуми и новите информатички технологии започнаа да доаѓаат до израз со нивните негативни карактеристики, а не со нивните позитивни“, рече тој.
„Од друга страна, успешните обиди да се воспостават легитимни и функционални правни рамки за да се регулираат новите медиуми и информатички технологии не се изнесени на глобално ниво“, додаде Алтун.
Тој ја осуди „бескрајната амбиција и желба за профит на глобалните медиуми и комуникациски компании“ и начините преку кои сеат „анархија и хаос“, нешто со кое не е лесно да се справи.
Алтун истакна дека некои држави остануваат тивки додека останатите користат алатки за „општествена контрола и политичка цензура“, додавајќи дека двата пристапа ги загрозуваат демократските системи, и општествената, културната и политичката полифонија.
„По години обвинувања на многу земји за „интернет-цензура“, дојде денот кога тие станаа сведоци на цензурирањето на нивните шефови на држави од страна на овие нови медиуми“, рече Алтун.
- Киберред наспроти кибервојна -
Предупредувајќи на „киберанархија“ и „информациски војни“, Алтун рече дека многу земји низ светот формираат „киберармии“.
„Стратегиски, нам ни е потребен нов кибернаратив и ред“, рече тој.
Цитирајќи ја дебатата за улогата на социјалните медиуми во кампањата за Брегзит во 2016 година и изборите во Соединетите Американски Држави (САД) истата година, Алтун рече: „Потребни ни се јавни прописи, но покрај тоа, на социјалните медиуми им се потребни компании што ќе дејствуваат во рамките на транспарентност и одговорност.“
Писменоста на социјалните медиуми е исто еден од најважните и најпозитивните фактори за справување со проблемот, според Алтун.
Тој нагласи дека една од важните димензии на принципот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за поправеден свет е затворањето на јазот на нееднаквоста помеѓу земјите и општествата во киберсветот.
„Како што светот е поголем од пет, така и нашиот киберсвет е поголем од три или пет компании за социјални медиуми“, рече Алтун, осврнувајќи се на слоганот на Ердоган против нерепрезентативната поставеност во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).
- Останати говорници -
На првиот ден од Самитот свое излагање имаа и Хикмет Хаџиев, асистент на претседателот на Азербејџан, кој говореше за конфликтот во Нагорно Карабах, и Алекс Стјуарт Еикен, извршниот директор за комуникации во Владата на Велика Британија, кој зборуваше за „Стратегиска комуникација 101“.
Меѓу говорниците на 36-те главни сесии на конференцијата има високи извршни директори и претставници на НАТО, Програмата за развој на ОН, УНИЦЕФ, Програмата за животна средина на ОН, како и истакнати владини комуниколози од различни земји, претприемачи, новинари и светски познати личности од сферата на социјалните медиуми.
Претставниците на многу земји кои управуваат со нивните комуникациски стратегии, како Сингапур, Велика Британија, Естонија, Латвија, Чиле, Косово и Нигерија, исто така ќе го споделат нивното искуство.
Дел од останатите сесии на Самитот се „Приказната за добрината од Хилал-и Ахмер до Турската црвена полумесечина (Kizilay)“ и „Преиспитување на владините комуникации“ и „Стратегиска комуникација и војување со информации“.
Дигиталната трансформација исто така ќе биде предмет на дискусија на сесиите како што се „Повторно вчитување на дигиталните стратегии“, „Дигитални вести: Повторно откривање на новинарството“, „Податоците се порака“, „Иднината и стратегиската содржина на видеото“ и „Како алгоритмите го обликуваат човековиот живот“.