ИСТАНБУЛ (АА) - Дезинформациите, вклучително и оние на социјалните мрежи, сега се надвор од самото прашање за национална безбедност и претставуваат глобална безбедносна закана, предупреди денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Лагите, произведените вести и дезинформациите брзо се шират преку користењето на социјалните мрежи“, рече Ердоган во видеопораката испратена за првиот ден од Самитот „Стратком 2021“ во Истанбул.
„Милиони човечки животи се зацрнети поради таквите вести што се шират од канали на кои им недостасува ефикасен механизам за контрола“, истакна Ердоган.
Тој рече дека иако кога се појавија првпат, социјалните медиуми беа поздравени како симбол на слободата, сега тие „се претворија во еден од главните извори на закани за денешната демократија“.
„Во овој поглед, важно е да се информира јавноста и да се бориме против дезинформациите и пропагандата во рамките на вистината“, порача тој. „Се обидуваме да ги заштитиме нашите граѓани, особено ранливите сектори на нашето општество, од лаги и дезинформации, без да го загрозиме правото на нашите граѓани да добиваат точни и непристрасни информации.“
„Никој, ниту една компанија не може да биде над законот“, нагласи Ердоган.
„Дефинитивно нема да дозволиме вистината да се обезвреднува со операции за дезинформирање, а вистината да биде прекриена со лаги“, порача турскиот претседател.
Истакнувајќи дека верува дека Меѓународниот самит за стратешка комуникација „Стратком“ ќе ја исполни важната потреба во пракса, Ердоган им се заблагодари на сите учесници на дводневниот настан.
Турција овој викенд е домаќин на „Стратком 2021“, меѓународен собир на кој ќе се говори за актуелните политики, прашања, предизвици и трендови на стратешкиот комуникациски екосистем.
Дводневниот самит на едно место собра 112 говорници од над 30 земји и публика од над 3.000 истакнати учесници.
На Самитот ќе се разговара за теми како стратешката комуникација, јавната дипломатија, дигиталната дипломатија, метаверзумот, брендирањето, дезинформациите, новите медиуми, за новите комуникациски технологии и трендови, како и за стратешкиот маркетинг и политичката комуникација.