Mustafa Yılmaz
29 Ноември 2019•Ажурирај: 30 Ноември 2019
БУРСА (АА) - Најмалку 22 осомничени лица за поврзаност со терористичката организација ФЕТО се пуштени на слобода со мерки на забрана откако со договор ја признаа вината и открија важни информации за терористичката организација одговорна за обидот за пуч во Турција 2016 година, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според налогот на Републичкото обвинителство во Бурса, на 22 ноември во 23 турски градови е извршена акција на приведување на 47 осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО.
За време на кривичната истрага, најмалку 22 осомничени спогодбено ја признаа вината и открија значајни информации и имиња на најмалку 280 лица поврзани со ФЕТО, кои претходно не беа опфатени со истрагата, а меѓу кои има и активни припадници на Вооружените сили на Република Турција.
Приведените 22 лица, кои ја признаа вината, се ослободени со мерки на забрана поради изјавите во кои дадоа значајни информации во врска со терористичката организација.
Криминалистичката обработка на останатите 25 осомничени е во тек.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција формално го побара од САД.
Припадниците на терористичката организација со години преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во државните институции. Потоа, прво во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство преку наместен процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше крвав обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули 2016 година офицерите во турската војска лојални на таа терористичка организација започнаа обид за пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во којашто е активна, а на тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а беа ранети околу 2.200 лица.