Behçet Alkan
15 Септември 2022•Ажурирај: 21 Септември 2022
НЕВШЕХИР (АА) - БЕХЧЕТ АЛКАН -
Секторот за туризам е задоволен од историскиот рекорден број на посетители во Кападокија, Туркије, која се наоѓа на Листата на УНЕСКО за светско културно наследство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кападокија на преден план излегува со своите природни, историски и културолошки богатства.
Бројот на посетители на музеите и археолошките локалитети во Кападокија во првите осум месеци во оваа година достигна 2.545.033. Оваа бројка ја надмина бројката на посетители во истиот период во 2019 година која се сметаше за златна година.

Кападокија вниманието на туристите го привлекува со своите самовилски оџаци, долините со природни карпести формации, историските манастири издлабени во карпи, балоните со топол воздух и различни други активности.
Бројот на посетители во периодот од јануари до август оваа година е зголемен за 98 отсто во споредба со истиот период минатата година. Поради овој факт се задоволни и вработените во секторот на туризмот.
Талип Алдемир, претставник на Сојузот на туристичките агенции на Туркије (ТУРСАБ) во подрачјето на Кападокија, во изјава за АА истакна дека е забележан раст на туристите во подрачјето, и дека имале плодна туристичка сезона.

Алдемир нагласи дека во 2023 и во 2024 година очекуваат раст во бројот на туристите во Кападокија.
„2019 година ја сметавме како рекордна година. Во 2020 година очекувавме повеќе посетители. Но за жал, пандемијата ја погоди и Кападокија, како и целиот свет“, рече Алдемир, додавајќи дека секторот за туризам е задоволен од 2022 година.
Тој истакна дека наредната година очекуваат повеќе туристи и од Јапонија, Балканот, Далечниот Исток, Јужна Америка и Европа.
„Природните формации се едни од нештата што ја разликуваат Кападокија од останатите туристички дестинации“, нагласи тој.
Бројките на посетители на музеите и археолошките локалитети во подрачјето во периодот од јануари до август во последните 10 години се следни:
| Период | 2013 | 2014 | 2015 | 2016 | 2017 | 2018 | 2019 | 2020 | 2021 | 2022 |
| Број на посетители | 1.873.706 | 1.986.635 | 1.894.086 | 1.057.853 | 1.497.682 | 1.957.764 | 2.522.378 | 578.705 | 1.283.332 | 2.545.033 |