Mahmut Geldi
24 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) – МАХМУТ ГЕЛДИ
Очите се свртеа кон Мустафа Мухамед ел Медени, кој е меѓу саудиската екипа од 15 лица што дојде во Истанбул за саудискиот новинар Џамал Кашоги, откако во медиумите беа објавени видеоснимките на кои се забележува како Медени излегува од конзуларниот објект, носејќи ја облеката на Кашоги.
Медени кој е на иста возраст со Кашоги, привлекува внимание со сличностите во физичкиот изглед со Кашоги. Тој бил специјално испратен во Истанбул за оваа работа.
Твитер-профилот на Медени под името „Инженер Мустафа Медени“, не содржи информации за неговиот идентитет, како и објави.

- Се смета дека е близок со престолонаследникот, принцот Бин Салман
Според информациите на арапските медиуми, Медени работи како директор во една јавна институција која врши активности во областа на инженерството во Саудиска Арабија.
На некои фотографии се забележува дека Медени се сретнува со некои лица во простории кои според внатрешната декорација наликуваат на палатите во Саудиска Арабија.
Ова покажува дека Медени е близок со администрацијата на Ријад, особено со принцот Мухамед бин Салман.
- Безбедносен службеник
Еден саудиски функционер кој сакаше да остане анонимен, во изјава за британската новинска агенција „Ројтерс“ (Reuters), на 21 октомври истакна дека Мустафа Медени се наоѓа меѓу имињата од екипата составена од 15 лица што дојде во Истанбул за Кашоги.
Овој саудиски функционер рече дека сите членови на оваа екипа се безбедносни службеници, а тоа покажува дека и Медени е безбедносен службеник.
Тоа што Медени, кој е еден од осомничените убијци во случајот, излезе од конзуларниот објект, носејќи ја облеката на убиениот Кашоги, ја открива играта дека „Кашоги од Конзулатот излегол жив“.
- „Си-ен-ен“ (CNN) објави видеоснимки
Американскиот медиум „Си-ен-ен“ (CNN) претходно ги објави видеоснимките на кои се забележува дека едно лице од екипата од 15 лица за кои се верува дека се дојдени од Саудиска Арабија за Кашоги, е употребено како дублер на Кашоги.
Еден турски функционер во изјава за овој ТВ-канал истакна дека едно лице од оваа екипа која од Саудиска Арабија дошло за да го убие Кашоги, истиот ден кога Кашоги отишол во Конзулатот е забележано и на уличните камери во Истанбул со иста облека, очила и брада.
На овие видеоснимки за кои се вели дека се дел од истрагата за Кашоги што ја води Турција, е забележано дека ова лице е всушност 57-годишниот Мустафа ел Медени кој личи на Кашоги.
Тој во Конзулатот влегол од предната врата заедно со медицинскиот експерт, Салах Тубејки, за кој се тврди дека е дел од атентаторскиот тим, два часа пред да дојде Кашоги. Се забележува дека Медени носел сино-бела кошула и темни панталони, и дека нема брада.
На видеоснимките се забележува дека 2 часа по влегувањето на Кашоги во Конзулатот, Медени излегол од задната врата на објектот со лажна брада, носејќи ја облеката и очилата на Кашоги.
Во текот на денот Медени е забележан во џамијата „Султан Ахмед“ во Истанбул со различна облека, хотелот го напуштил во 22:25 часот по локално време, а од аеродромот „Ататурк“ во Истанбул тргнал во 01:25 часот по локално време.
Еден турски функционер во изјава за „Си-ен-ен“ (CNN) истакна дека Медени е донесен во Истанбул како дублер на Кашоги.
„Нема да имате потреба од дублер за достава на документ или за испрашување. Не е променет резултатот што го добивме на 6 октомври. Ова е претходно планирано убиство и трупот е изваден од Конзулатот“, нагласи тој, и додаде:
„Можеби сè уште беше топла облеката на Кашоги кога ја облече Медени“.
Во веста се вели дека ова лице за кое е утврдено дека е Медени, се подготвувало да поднесе доказ до турските власти дека Кашоги излегол од Конзулатот, но турските власти ја откриле оваа измама.